Нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство, „Монструм“, „Тарифа“, „Триста“ и „Тревник“ денеска се закажани во Кривичниот суд.
На обвинителна клупа ќе седнат обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година, откако предметот го презеде СЈО.
Претходното рочиштето за овој случај не се одржа поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири, кој бил хоспитализиран на пулмологија.
Кога СЈО го презеде случајот минатиот месец специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека очекува судскиот процес да продолжи во фаза во која бил прекинат и оти се подготвени да го презентираат предметот пред судот.
Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Триста“, во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавна набавка на 300 возила.
Поповски се сомничи дека го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.
Во судница денеска ќе седнат и Дејан Бошковски, поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ и уште други две лица – обвинети во случајот на СЈО „Тарифа“.
Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“.
Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Во Кривичен ќе се одржи судење и за предметот „Тревник“ што се однесува на бесправна градба на куќи во Зелениково, а во кој првообвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас.
Од СЈО изразуваат сомнение за кривично-правни дејствија на три лица за изградба на три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење.
Според прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.