Првите 40 наслови аудио-записи за потребите на слепите лица, избор од најпознатите приказни од македонски и светски автори, радио-драми на македонски и на албански јазик, но и содржини со едукативен карактер, беа промовирани денеска во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Промоцијата на првите 40 наслови аудио-записи е во рамки на проектот „Зголемување на фондот на аудио-книги во Одделението за слепи и слабовидни лица“при НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
– Наша цврста определба како Министерство, но и како општествени фактори е да го поедноставиме животот на слепите лица. Токму затоа ја започнавме оваа благородна идеја со која сакаме да го приближиме пишаниот збор до нив. Ова е само почеток. Замислата дека им помагаме на слепите лица ни дава голем мотив да продолжиме што повеќе да создаваме за нив, истакна на денешната промоција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Овие наслови, појасни министерот, ќе бидат достапни во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје каде што слепите и слабовидни лица мора да бидат зачленети во Одделението за слепи и слабовидни. Оттука, рече, секој заинтересиран ќе може да го добие посакуваниот наслов и преку пошта.
– Аудио-книгите ќе бидат достапни и во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид и во просториите на Националниот сојуз на слепи лица. Во тек е изработка на веб-страница од каде секој заинтересиран ќе може да го добие посакуваниот наслов, истакна министерот за труд и социјална политика.
Аудио-записите во рамки на проектот, а за потребите на слепите лица ги отстапи Македонското радио – Радио Скопје, а ги отпечати Министерството за труд и социјална политика.
– Сакам да напоменам дека проектот интензивно продолжува со реализација и со останатите наши партнери од медиумскиот простор и невладиниот сектор на волонтерска основа, рече Спасов.
Најави дека во рамки на вториот проект на МТСП „400 аудио-книги за лица со оштетен вид“ до крајот на годината ќе има дополнителни 100 наслови од најразличен жанр.
Претседателот на Градската организација на Националниот сојуз на слепи лица Зоран Костадиновски изрази задоволство од реализацијата на овој проект и надеж дека фондот на аудио-книги за слепите и лицата со оштетен вид и натаму ќе се зголемува.
– Владата и МТСП направија многу значајни работи за слепите лица и за лицата со оштетен вид. Со овој проект овие лица добиваат многу и тој ќе им го доближи пишаниот збор, истакна Костадиновски.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван Заров потенцира дека оваа установа и во иднина ќе продолжи да работи на постојано зголемување на аудио-материјали кои во секое време ќе бидат достапни за слепите и слабовидни лица во Одделението кое, како што рече, за таа намена е формирано во 2011 година.