Поранешниот претседател на советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ во денешното сведочење на рочиштето за случајот „Насилство во Центар” рече дека во текот на двете седници на Советот одржани на 7 и 10 јуни 2013 година на чија точка на дневен ред бил Дуп-от со кој е засегната црквата Св. Константин и Елена, се соочувале со големи притисоци и напади од страна на граѓаните кои биле собрани во дворот, а цело тоа време полицијата не преземала ништо во врска со тоа.
– Фрлаа со се и сешто, патлиџани, компири, јајца и што уште не. Индикативно беше тоа што секогаш кога и да кажев почнуваме со работа, толпата се разгневуваше, а кога седницата требаше да се стопира уште пред да кажам пауза тие се смируваа, сведочи Шиповиќ.
Тој истакна дека четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ биле константно со телефоните на уво за време на седницата иако тој ги опоменувал. Како што вели Шиповиќ станува збор за советниците Даниела Рангелова, Сашо Трпевски, Томе Лазаров и уште еден советник Јоцо за кој не го знае презимето.
– Кога толпата разбра дека од страната каде што маваат по прозорците седат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, се префрлија од другата страна каде беа сместени советниците од СДСМ и коалицијата, рече Шиповиќ.
Поранешниот претседател на советот во Центар покрај другото рече дека во тој период разбрал оти протестите се организираат од страна на невладината организација „Веритас“.
Шиповиќ во судницата препозна еден од обвинетите дека присуствувал на нападите врз општината на 7 и 10 јуни 2013 година.
Виктор Јованов