ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на пладневниот состанок во Собранието за законот за јавно обвинителство. Од партијата велат дека ќе инсистираат на јавна расправа во која ќе биде вклучена експертската јавност и претставници на меѓународната заедница.
-ВМРО-ДПМНЕ се противи на носење противуставен закон и нема да дозволи закон кој треба да овозможи контролирано обвинителство со цел Заев да не одговара за сомнежите на криминал и воспоставениот хибриден режим, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска повторно ги повика сите политички субјекти, пратенички групи и независни пратенички групи да преземат одговорност во донесувањето на законот за јавно обвинителство, и како што рече, да бидат решавачки фактор кога е во прашање правната држава и европската иднина на земјава.
– Особено ја повикувам опозицата да се надмине себеси со прифаќање на законско решение за јавно обвинителство, да докаже дека е против криминалот и дека е за владеење на правото, рече Заев и додаде дека носењето на законот за ЈО ја гарантира европската иднина на државата.
Нагласи дека од страна на високи претставници на ЕУ се повеќе се нагласува потребата за носење на овој закон и се поврзува со датумот за отпочнување на преговори со Унијата.
Партиските работни групи за законот за јавно обвинителство попладне во 16:00 часот ќе одржат нова средба во Собранието Република Северна Македонија, потврдија за МИА од Министерството за правда.
На средбата се поканети претставници на сите пратенички групи.