Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември, денеска во Скопје ќе се одржи традионалниот хуманитарен концерт „Аплаузи“, тркалезна маса и промоција на филмот „Најдолгите секунди“.
Под мотото „Сакам да пеам, можам да пеам – сакам да свирам, можам да свирам и сакам да играм можам да играм“ во Универзалната сала ќе се одржи традионалниот хуманитарен концерт „Аплаузи“. Концертот е во организација на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ во партнерство со Универзална сала, а ќе настапат деца од специјалните училишта, иснистуции и домови во Република Македонија. Покровител на третиот хуманитарен концерт „Аплаузи“ е министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Во организација на Институт за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија и неговите членки во Ректоратот на УКИМ ќе се одржи тркалезна маса на која ќе присустуваат министрите за образование и наука и за труд и социјална политика Абдилаќим Адеми и Диме Спасов.
Центарот за Даунов сундром Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе го одбележи со промоција на филмот „Најдолгите три секунди“ во Кинотеката на Македонија. Филмот е на Ефтим Трајчов Ѓаурски, а главната улога е на 21-годишниот Гоце Маринковски, лице со даунов синдром од Штип. Филмот зборува за неколку аспекти од животот на лицата со даунов синдром во нашата средина, односот на другите луѓе кон нив и суровоста со која многумина секојдневно се соочуваат.
Дел од настанот ќе бидат и фотографиите на Драган Гајиќ, Маја Аргакијева, Лидија Најдовска и Маја Јаневска-Илиев, кои прв пар беа изложени на 21-ви март, Светскиот ден на Даунов синдром.