Со симболичен марш од плоштадот Македонија до Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, изложба на предмети изработени од слепите лица и лицата со оштетен вид, крводарителска акција… денеска беше одбележан Меѓународниот ден на белиот стап.
– Белиот стап е едно од најважните помагала што ги користат слепите лица за движење и ориентација во просторот. Затоа е тоа симболот на слепите лица. Не е само 15 октомври наш ден. Нас не има секој ден, насекаде, по улица, на плоштад, во театар, градови, села… Затоа сакам да апелирам јавно да се продолжи со грижата за оваа категорија граѓани, рече Жарко Селковски, претседател на Националниот сојуз на слепи лица.
Лицата со оштетен вид и слепи лица бараат поголема достапност на пишаниот збор за слепите лица преку снимање аудио книги, недискриминација, прилагодување на инфраструктурата за полесно движење, соодветен пристап до образование и вработување, поставување звучни семафори, гласовно извесутување за станиците на кои стојат автобусите во градскиот превоз..
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на одбележувањето на овој меѓународен ден, истакна дека Владата и министерството со кое тој раководи и натаму ќе останат посветени да го направат животот на овие лица подобар.
– Потпишан е нов договор за снимање на дополнителни 100 аудио книги за слепите и лицата со оштетен вид, набавени се 900 тифлотехнички помагала за Националниот сојуз на слепи лица, како и опреми и помагала како гласовни мерачи за крвен притисок, гласовни мерачи за температура, електрични гласовни ваги, рачни часовници на брајово писмо…, рече Спасов.
Додаде дека набргу ќе стартува и проектот за изградба и поставување на првите тактилни патеки за слепи лица, од „Даре Џамбаз“ до плоштадот Македонија и во Градскиот парк во Скопје.
– Подршката за слепите лица е нешто што мора континуирано, системски и целосно да се надополнува. Тие се луѓе со големи можности и достоинство, кои треба да ги развиваат и вложуваат заедно со сите други, рече Спасов.
Појасни дека заедно со Министерството за транспорт и врски и МВР направиле интервенција во Законот за градба во кој е вовеле законска обврска за сите општини кои во иднина ќе ги реновираат патеките во централните подрачја задолжително да поставуваат патеки за слепи лица.
– Исто така, во новиот Закон за безбедност во сообраќајот е предвидено при поставување семафори да се води сметка тие да бидат соодветни на потребите на слепите лица и лицата со оштетен вид, рече Спасов.
И натаму, рече министерот Спасов, ќе продолжиме со низа проекти, мерки и активности да го подобруваме животот на овие наши сограѓани.