Обвинителството се откажало од кривичен прогон на пратеникот Павле Богоевски од „шарената револуција“, објави адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ. На денешното судско рочиште, како што напишаа тие, се утврдило дека никој нема право без одобрение на Заводот за заштита на спомениците на културат да презема какви било дејствија врз заштитениот објект, а уште помалку да го вештачи.
Се утврдило дека единствена надлежна и лиценцирана институција за утврдување на штета на вакви објекти е Заводот за конзервација. Тие, како што напишаа адвокатите, формирале комисија и утврдиле дека зградата на Министерството е без одобрение и проект исфарбана по нарачка на министерството и нанесена е огромна штета која при отстранување на бојата може да им нанесе структурна штета на ѕидовите на зградата, и второ, бојата од „шарената револуција“ се мие со вода и сапун. „Штетата е 15.000 денари и најважно од сè, не може да се оштети веќе оштетена фасада“, напишаа тие.
„Сега ќе почекаме и ќе следиме дали Обвинителството по допрен глас и вакви докази и вештачења ќе покрене постапка против одговорниот тогашен министер кој го исфарбал и упропастил споменикот на културата и против вештаците од Бирото кои вештачеле без лиценца и спротивно на законот. Ако остане глуво Обвинителството како и досега ние ќе ги потсетиме со една кривична пријава. Дилема е дали ако Обвинителството не покрене само постапка по службена должност исто сторува кривично дело со прикривање на сторителите и непреземање дејствија кои се должни да ги преземат?“, напишаа тие.
Во времето на Шарената револуција со боја беше обоено и Министерство за култура. Тогашната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска нарача вештачење од Бирото за судски вештачења со кое беше утврдена штета на фасадата од 461 илјади денари, а против сегашниот пратеник, Павле Богоевски, беше покренато обвинение.