Обвинителството ја отфрли кривичната за Бети Канческа Милевска за отштета од близу 3 милиони евра

Од:

Надлежен јавен обвинител од Скопското јавно обвинителство ја отфрлил кривичната пријава против три лица за кривично дело несовесно работење во службата, меѓу кои е и поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска.

Станува збор за кривична пријава која ја поднесе Управата за финансиска полиција, првин до Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, која подоцна била доставена на постапување до Скопското обвинителство.

Пријавата се однесува на тројцата пријавени, во својство на министер за култура, заменик министер за култура и раководител на Сектор за финансиски прашања во Министерството за култура.

Во периодот од јули 2009 година до февруари 2017 година, со пропуштање должен надзор тие несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, а фирмата преку која бил оштетен буџетот е „Светлост театар“ од Белград, градежната фирма ангажирана за изградббата на објектот на МНТ.

„Притоа, тие спротивно на чл.581 од Законот за трговски друштва, според кој странски друштва не можат да вршат дејност на територијата на државава се додека не организираат подружница, примиле времени ситуации – фактури од странски правен субјект „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија, во кои незаконски бил вкалкулиран данок на додадена вредност од 18%. На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување на услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што Управата за финансиска полиција проценила дека била нанесена штета на Буџетот во износ од 2.770.640 евра“, соопштуваат од ОЈО.

Како што соопштуваат од ОЈО,  постапувајќи по кривичната пријава, надлежниот јавен обвинител ги распрашал пријавените како и претставник од Министерството за култура, а извршил и увид и анализа во ревизорските извештаи за работата на Министерството за култура за наведените години, но не нашол елементи на кривично дело.

„Во сите наведени извештаи не се констатирани неправилности во активностите и финансиските трансакции кон наведениот субјект. Дополнително, целокупната документација за исплатите кон „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија одела и до Министерството за финансии и до Народната банка, преку која се вршела исплатата кон странство, и од каде во ниту еден момент не биле констатирани неправилности“, стои во соопштението на ОЈО.

Бирото за судски вештачења изготвило економско-финансиско вештачење со кое се утврдило дека за извршување на договорените работи со Министерството за култура, претпријатието „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија, основало подружница во земјава со назив „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија – Подружница „Светлост театар“ Скопје, запишана во Централниот регистар на 15.07.2009 година со сопствен матичен број, даночен број и приоритетна дејност.

Обвинителството соопшти дека материјалите кои како изведувач требало да ги вгради правното лице се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник. Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата.

Функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин бил создаден неправилен тек на парите. Но, со исклучок на констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени.

За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење.

Имајќи ги предвид сите овие факти, надлежниот јавен обвинител донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените го сториле наведеното или друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Канческа Милевска е обвинета во предметот на СЈО, „Тнедери“ за изградба на Музејот на ВРМО и за тој предмет, судењето е сè уште во тек.

Би можело да ве интересира

Застаре случајот „Тендери“ во кој беше обвинета Канческа-Милевска

Катерина Ѓуровски

Завршни зборови за случајот „Тендери“

На Канческа-Милевска ѝ е тешко што пет години чека пресуда: Убедена сум дека сум невина

Кристијан Ландов

Канческа побара 1 час пауза да заземе став за имунитетот на Вељаноски

Канческа-Милевска наместо да зборува за амандманот, се правдаше зошто гласала

Наум Локоски

Канческа им се извини на соседите за протестот пред нејзината куќа

Ана Ололовска