Новинарските бардови од 1ТВ го напуштаат бродот, Кабранов најави дека си оди

Од:

Уредниците од 1ТВ, чиј неформален сопственик Бојан Јовановски – Боки 13 вчера беше уапсен и доби 30 дневен притвор поради перење пари и примање награда за противзаконито влијание, се оградуваат од последните случувања и сомнежите за криминал.

„А1он“ разговараше со главниот уредник во телевизијата, Ацо Кабранов, со Борјан Јовановски и Јадранка Костова. Сашо Орданоски не одговори на нашите повици. Тие велат дека во телевизијата биле ангажирани хонорарно и дека не биле инволвирани во никакви нелегални активности, а Кабранов најави дека нема да го потпише хонорарниот договор со телевизијата наредниот месец.

„Сакав да направиме проект и сметам дека бевме успешни. Договорот со 1ТВ го потпишував секој месец, но следниот нема да го потпишам. Не поради целата работа што се случи, туку од здравствени причини. Јовановски не се мешаше во уредувачката политика, известуваме според професионални стандарди. Не сум човек кој заради својата комоција ќе се води по интересите на газдите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту пак овде, да злоупотребувам колеги за нечии интереси“, вели Кабранов.

Тој вели дека вчера не бил на работното место поради здравствени причини, но дека тимот од телевизијата го следел настанот професионално.

„Дали Јовановски извршил противзаконски дејства, дали тоа било рекет, уцена или било што, таа работа треба да ја истражат надлежните органи. Не сум тој кој може да суди дали обвинителството или Јованоски е во право. И сакам да додадам, дека ниту сум кревал телефон кај обвинителката Русковска, ниту пак имам намера. Точно е дека таа ми е братучетка, ама таа работа си е за по дома“, ни изјави Кабранов.

Тимот на 1ТВ: Александар Чомовски, Јадранка Костова, Ацо Кабранов, Анета Кочишки и Сашо Орданоски

Уредничката Јадранка Костова, која пред извесно време на 1ТВ го интервјуираше неформалниот газда Јовановски, вели дека во телевизијата била хонорарен соработник и дека својот став за случувањата ќе го напише во нејзиниот медиум „Фокус“.

„Со телевизијата имав авторски договор до први јули. Сосема легитимно е да се работи по договор, а парите да се исплатат на трансакциска сметка и тука нема ништо незаконско. Не сакам да ги коментирам работите околу случувањата во 1ТВ. Не сум била дел од креирањето на уредувачките политики и не сум повикана да зборувам за тоа. Свој став како човек кој соработувал со медиумот имам, но ќе го изнесам во мојот медиум „Фокус“, рече Костова за А1он.

Борјан Јовановски, еден од уредниците во телевизијата кога го исконтактиравме беше на пат за Брисел.

„До пред половина месец заврши мојот ангажман со 1ТВ. Договорени бевме да ги обновиме договорите од септемви. Дали ќе го продолжам договорот, не знам. Што се однесува до вчерашните настани не можам да коментирам, има институции, нека си ја истражат целата работа. Колку што знам јас, екипата не била вклучена во бранење на интереси за рекет и слични дела. За тоа што сум бил платен, сум го извршил професионално“, изјави Јовановски.

Новинарите во 1ТВ во меѓувреме одат на работа и ги извршуваат своите задачи.

1ТВ беше отворена лани во март и веднаш беа ангажирани видни новинарски имиња, а билборди со нивните ликови и најави за отворањето на новата телевизија можеа да се видат низ целиот град. Сопственик на 1ТВ е фирмата БМЈ Медиа Груп, чии сопственици се таткото на Боки 13, Миле Јовановски и Јасна Мандиќ (Ерцеговиќ).

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

По наредба на Европското обвинителство, полицијата упадна во хрватското Министерство за култура

Горан Наумовски

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Ковачевски за Мицкоски: Прикривање на докази е кривично дело, ако ги има, треба да ги достави до МВР или ОЈО