Украинските антикорупциски власти ги проширија своите истраги за неколку високи функционери и луѓе блиски до претседателот Володимир Зеленски, вршејќи зголемен политички притисок врз украинското раководство, особено додека Киев се стреми да ги унапреди преговорите за членство во ЕУ, објави денес „Еуроњуз“.
Зеленски ја отпушти својата заменик-шефица на кабинетот, Ирина Мудра, во среда, истиот ден кога Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) започнаа истрага за група за која велат дека е поврзана со перење пари од околу три милиони евра.
Според НАБУ, меѓу осомничените се и актуелен член на украинскиот парламент, поранешен член на парламентот и раководители на државната банка Сенс Банк.
Истрагата, со кодно име „Форест Гамп“, произлегува од пошироката операција „Мидас“ за наводна корупција во државната нуклеарна компанија „Енергоатом“.
Истражителите тврдат дека во шемата, помеѓу 10 и 15 проценти од вредноста на договорите била изнудена од добавувачи преку посредници и дека околу 85 милиони евра наводно биле испрани преку системот.
Поранешниот министер за правда и енергетика Герман Галушченко бил меѓу претходните осомничени, додека Тимур Миндич, долгогодишен пријател на Зеленски и поранешен деловен партнер во продуцентската компанија Квартал 95, се споменува како една од централните фигури во истрагата.
Миндич ја напуштил Украина во ноември 2025 година и е споменат и во друга истрага, наречена „Династија“, која се однесува на наводно перење на повеќе од 8,8 милиони евра преку проект за луксузни станови во близина на Киев.
Андриј Јермак, поранешен началник на кабинетот на претседателот и еден од најблиските политички соработници на украинскиот лидер во поголемиот дел од неговиот мандат, е исто така меѓу осомничените во таа истрага. Јермак ги негираше обвиненијата.
Во посебна истрага е вклучен и поранешниот заменик-началник на кабинетот Ростислав Шурма, кој е осомничен за злоупотреби поврзани со субвенциите за обновлива енергија. Тој, исто така, негираше вина.
Зеленски не е осомничен во ниту една од истрагите, но фактот дека во нив се вклучени неговите поранешни и сегашни соработници, пријатели и поранешни деловни партнери е растечки политички товар за украинскиот претседател, објавува „Еуроњуз“.
Прашањето за независноста на НАБУ и САПО, чија независност ја бранеа украинските граѓани со масовни протести во текот на 2025 година, е особено чувствително, оценува порталот.
