Новинарите реагираат на најавите за владини реклами во медиумите: Лага е дека ние сме го барале тоа

Од:

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат на јавната најава на Владата за измена на регулативата со која ќе престане да важи забраната за рекламирање во медиумите од страна на јавните институции (член 102 од ЗААМУ).

„Во објавата на агенцијата МИА од 4 мај, во еден новинарски спорен текст, се вели дека Владата ќе донесе пакет медиумски реформи кои подразбираат платени јавни кампањи во приватни медиуми и формирање Фонд за истражувачко новинарство и за продукција на медиумски содржини од јавен интерес. Невообичаено и тенденциозно е тајни брифери од Владата да пласираат информации на јавен сервис, а притоа тие да не се поткрепени со факти“, велат новинарските здруженија.

„Во текстот се имплицира и провејува впечатокот дека СЕММ и ЗНМ некогаш побарале измена на член 102, заедно во пакет со формирање Фонд за помош на медиумите. Почитувани претставници на Владата, ова е лага! ЗНМ и СЕММ, заедно со ССНМ и МИМ никогаш ниту прифатиле, а ниту побарале законски измени со коишто би се овозможил начин на директно истурање на јавни пари за владини кампањи во приватни медиуми. Тоа е наш принципиелен и конзистентен став од којшто во ниту еден момент не сме отстапиле, на ниту една средба или разговор“, се вели во соопштението.

„Обидот нашиот став за овој член на Законот да се заобиколи или маскира во купот на други најави и ветувања за медиумски реформи создава лажна слика за позициите на фелата. Ваквиот однос ја поткопува довербата помеѓу новинарските и медиумски организации и Владата и истите можат погрешно да бидат толкувани и од страна на јавноста и на меѓународната заедница. Затоа, сакаме јасно да потенцираме дека ние бевме и сме против овие законски измени и апсолутно не сметаме дека тие треба да се стават во кошница со други медиумски реформи, од проста причина што на нив никако не гледаме како на реформи“, велат новинарските здруженија, додавајќи дека најавениот Фонд за помош на медиумите „секако е идеја за која треба да се разговара меѓу организациите, и со Владата и со претставници на меѓународната заедница“.

„Иако во текстот на МИА повторно се сугерира спротивното, дозволете да појасниме дека не постои формално барање до Владата за формирање на Фонд за медиуми, туку наша подготвеност да бидеме конструктивен партнер за осмислување на овој модел доколку се направи проценка за потребата на таков фонд.
Создавањето на овој модел може да биде единствен исправен начин за поддршка на развојот и на медиумите, ама и на слободното и професионално новинарство“, се вели во соопштението од новинарските здруженија.

„Во насока на погоре кажаното, сметаме дека се потребни две работи со цел да се избегнат недоразбирања во јавноста и тоа:

Владата на РСМ да ја повлече иницијативата за укинување на забрана за државно рекламирање (да не се менува член 102 од ЗААМУ);
и Владата да отвори јавна дебата во медиумскиот сектор за формирање Фонд за поддршка на професионалното новинарство.

Доколку ги прифатите овие барања, веруваме дека ќе оставите простор да се изнајдат квалитетни решенија за помош во медиумскиот сектор, такви коишто ќе му помогнат и на медиумскиот пазар да биде слободен и конкурентен, и на самите новинари, како поддршка на нивната професионална работа“, се вели во соопштението од ЗНМ, ССНМ, СЕММ и МИМ.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Главна цел на измените на Законот за медиуми треба да биде законската регулација на интернет порталите

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава