Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат на непрофесионалниот однос и попречувањето на новинарката на Телма, Емилија Мисирлиевски, во извршувањето на нејзината професионална задача додека известувала од местото на денешниот инцидент во Битола, каде што биле повредени три лица при пад на излог и дел од металната конструкција на објектот на Управата за водење на матичните книги.
Иако уредно ја покажала својата новинарска легитимација, Мисирлиевски најпрво била попречена од возачот на возилото на Брзата помош, кој ја снимал со својот мобилен телефон, а потоа и од обезбедувањето, кое не и дозволило да снима и да ја извршува својата професионална задача.
Особено е нејасно и загрижувачко зошто лице кое излегло од возило на Брзата помош, наместо да биде посветено на своите професионални обврски, се впуштило во снимање и вознемирување на новинарка која известувала за настан од јавен интерес.
Очекуваме вработените во итните служби да постапуваат професионално и да не придонесуваат кон создавање притисок врз новинарите при вршењето на нивната работа.
ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека новинарите имаат право слободно и непречено да известуваат за настани од јавен интерес и дека никој нема право произволно да ја попречува нивната работа, ниту да ги изложува на навреди и заплашување.
Новинарката го пријавила случајот во полиција, а од надлежните институции бараме да ги испитаат сите околности и да утврдат одговорност за ваквото постапување.
