Помалите коалициски партнери во Владата на премиерот Димитар Ковачевски не му дале бланко поддршка за францускиот предлог ниту на синоќешниот состанок.
Претседателите на ДОМ, ЛДП и Демократскиот сојуз побарале од премиерот да го видат фамозниот билатерален протокол, за кој повторно беше најавено дека денеска или утре ќе биде објавен од МНР.
Тие бараат да биде преведен на македонски јазик и достапен на јавноста за да се отвори поширока дебата.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин за „А1он“ рече дека за нејзината партија е неприфатлива ваквата верзија на францускиот предлог и дека се зависи од содржината на билатералниот протокол.
„Најважно е да го видиме билатералниот протокол и дали оние годишни извештаи за прогресот се всушност напредок во разговорите за историските и образовните прашања. Ако се, тогаш нема што да прифаќаме и да преговараме со ЕУ за нешто што е билатерален проблем. Но, протоколот се уште се подготвува и нема готова верзија. Побаравме од премиерот протоколот да се преведе на македонски јазик и потоа ЕУ да гарантира за преводот. Потоа уште еднаш ќе го разгледаме и ќе донесеме заклучоци“, истакна Морачанин.
Формулацијата за македонскиот јазик, според неа е чиста и од она што го има како информација, Бугарите ќе го спомнат само еднаш својот став за јазикот. „Лично за мене е неприфатливо земја членка на ЕУ да не прифаќа јазик кој веќе е прифатен. Она што е важно е дека ние помалите партии се изборивме за конечната верзија на протоколот да се расправа на пленарна седница во Собранието и таму да се донесат заклучоци“, рече претседателката на ДОМ.
И претседателството на Демократскиот сојуз го разгледало модифицираниот предлог и биле донесени неколку заклучоци: да започнат преговорите со ЕУ и да продолжат реформите, владата да инсистира да се преработи преговарачката рамка и од неа да се отстранат билатералните прашања наметнати од Бугарија и уставните промени да бидат на реципрочна основа.
„Уставните промени со цел вклучување на Бугарите во Уставот, да бидат на реципрочна основа, при што Советот на ЕУ да донесе заклучок со кој ќе ја задолжи Бугарија да ги имплементира одлуките на Европскиот суд за човековите права во Стразбур за признавање на правата на Македонците во Бугарија. Посебно нагласуваме дека не смеат да се прифатат разговори за Македонските ревулуционери кои се во кодот на секој Македонец , како што се Гоце Делчев, Јане Сандански, Дамјан Груев и други револуционери. Да се прекинат било какви дискусии за заедничко славење на Македонските национални празници, Илинден итн“, соопштија од Демократскиот сојуз.
Партијата на Павле Трајанов бара македонскиот идентитет и македонскиот јазик под никакви услови да не се оспоруваат и загрозуваат, а историските и образовните прашања, како и говорот на омраза и отворањето на досиејата за прогонувани лица од комунистичкиот режим, да биде на реципрочна основа.
Во Преговарачката рамка, годишните прегледи, Акцискиот план и протоколите, не смее да се прифатат решенија кои и овозможуваат на Бугарија да се меша во внатрешните работи на Македонија.