Во онлајн-анкетата што ја спроведе истражувачкиот центар на „Макфакс“ на прашањето каков епилог треба да има аферата за пратеникот Павле Богоевски, за кого протече аудио снимка дека наводно нарачува психотропни супстанци, 66,4 проценти од анкетираните одговориле дека тој треба да даде оставка од функцијата.
Анкетата беше објавена вчера, на 13 веб страници и траеше 24 часа. Во овој период, гласале 4.672 лица.
Над 16 отсто од испитаниците сметаат дека Богоевски треба да направи наркотест за да се утврди дали е тој уживател на психотропни супстанци, а 12,6 отсто од анкетираните сметаат дека Богоевски не треба да поднесе оставка бидејќи тоа е негова лична работа. Само 4,4 проценти од испитаниците се изјасниле дека треба да се пронајди возачот на такси возилото кој наводно го снимил телефонскиот разговор на Богоевски.
Од анкетираните 4.672 испитаници, според податоците на истражувачкиот центар на „Макфакс“, 65 отсто биле мажи, најголем дел на возраст од 25-44 години. Повеќе од 86 проценти гласале од Македонија, а останатите од Германија, Швајцарија, Австралија, Велика Британија и други држави.