Македонија ја губи битката со дискриминацијата

Од:

Во Македонија се уште нема ефикасни механизми за борба против сите видови на дискриминација, а никаква заштита нема за сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основ за дискриминација, коментираат експертите по забелешките на Стејт департментот на САД дека ЛГТБ популацијата во Македонија не е заштитена.

Иако според последниот извештај од Комисијата за заштита од дискриминација, бројот на претставки е зголемен, експертите за човекови права тврдат дека оваа институција ниту е независна, ниту има механизми за ефикасно да си ја врши својата работа.

Граѓаните во принцип не се доволно информирани дека доколку трпат каков било вид на дискриминација можат да се обратат кај Комисијата за заштита од дискриминација, која има законски овластувања да постапува по вакви претставки за дискриминација. Затоа бројот на претставките кои минатата година биле поднесени до Комисијата е многу мал – 75, а поголемиот дел од граѓаните кои се жалеле се од Скопје.

Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет, за А1он, констатира дека работата на Комисијата е под задоволително ниво од повеќе аспекти, меѓу кои и дискриминацијата која се врши преку Законот за превенција и заштита од дискриминација.

Таа посочува дека:

„Сексуалната ориентација и родовиот идентитет се уште не се експлицитно наведени како останатите основи, впрочем само овие два основа се подведени под „и било кој друг основ“ во законот. Ова укажува на недоволните заложби на Комисијата да обезбеди заштита од дискриминација на маргинализираните и ранливи општествени групи“.

Пировска додава дека Законот за превенција и заштита од дискриминација е проблематичен бидејќи не е усогласен со европските директиви и домашното законодавство во обезбедување на ефективна судска заштита од дискриминација.

Наспроти тоа, претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски е задоволен бидејќи оваа Институција станува се попрепознатлива во јавноста.

minovskiУкажува дека за првата година на постоењето на Комисијата тие имале 60 претставки, а Народниот правобранител 20.

„И покрај фактот дека една етаблирана институција како Народниот правобранител, примила една третина од претставките кои сме ги примиле ние, упатува дека полека но сигурно стануваме препознатливи“, вели за А1он, Миновски.

Сепак тој истакнува дека Народниот правобранител има ингеренции да прима претставки само од јавниот сектор, а Комисијата за заштита од Дискриминација може да прима претставки и од приватниот. Најголем број од претставките се поднесени против државните органи, а најголем број подносители биле со живеалиште во Скопје.

И Мирјана Најчевска, експерт за човекови права тврди дека во Македонија не постојат соодветни механизми за бобра против дискриминацијата. Таа објаснува дека и покрај тоа што постојат законски дефинирани механизми, тие не се соодветни. Според Најчевска овие законски механизми ги немаат потребните капацитети, како човечки и материјални ресурси, не се назависни (финансиски, организационо и структурно), како и не се комплементарни со целиот правосуден систем.

„Ова ги прави немоќни да реагираат во случаите на дискриминација, не ефикасни и во голема мера партиски обоени/зависни“, вели за А1он, Најчевска.

Во тој контекст се и ставовите на Пировска од Хелсиншкиот комитет, која смета дека стручноста, компетентоста и административните капацитети на Комисијата се недоволни.

„Комисијата има широки надлежности и мноштво обврски кои седуммината т.н. комисионери не можат да ги извршуваат без административен кадар, а воедно имаат двојни функции односно дел од нив се вработени во Комисијата но се јавуваат и како советници во Министерството за труд и социјална политика“, коментира Пировска.

Експертите посочуваат дека од последниот извештај на Комисијата, може да се види дека дискриминацијата од страна на поединци е свесно направена каде што со изјави или однесувања се нарушува достоинството на едно лице или група лица заради нивните лични карактеристики.

Ваквото однесување најчесто е мотивирано од омраза кон одредени етнички групи, маргинализирани групи и ЛГБТ популацијата.

Заштитата на маргинализираните и ранливите групи како што ЛГБТ популацијата според Пировска, треба да е компромис помеѓу јавното мислење и рамноправниот однос кој го има секој човек согласно Уставот на РМ односно еднаквост во правата и обврските

„Јавното мислење за ЛГБТ луѓето е негативно, но она што е поголем проблем е резултатот на хомофобична кампања која произлезе од носители на високи јавни функции вклучувајќи ги тука Министерот за труд и социјална политика, Премиерот и Министерката за внатрешни работи.

Нивните намери нема да ги коментирам, меѓутоа кога станува збор за заштита и промоција на права, институциите потфрлија во санкционирање на ваквата кампања и воедно со тоа покажаа дека ЛГБТ луѓето не се еднакви граѓани во права и обврски затоа што така се третирани токму од страна на институциите“, вели Пировска.

Моменталната состојба во која се наоѓа заедницата не е резултат само на конзервативното општество туку очигледна и намерна хомофобична кампања насочена кон оваа група за нечии краткотрајни цели, објаснува таа.

И според Мирјана Најчевска ЛГБТ популацијата е непожелна во Македонија и како што вели: „немаат никакви права и вистинска заштита ниту против акти на директна, а уште помалку индиретна дискриминација“.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

Условна казна за скопјанец кој нападна припадник на ЛГБТ заедницата

„Парадата на гордоста“ ги преплави белградските улици

Предраг Петровиќ

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

A1on

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

A1on

Светска банка: Економското вклучување на ЛГБТИ луѓето ќе го зголеми БДП на Северна Македонија и Србија

ВИДЕО: Над 2.000 луѓе во Грузија нападнаа ЛГБТ поворка

Предраг Петровиќ