Конференција за можностите за вработување лица со инвалидност

Од:

Лицата со инвалидност и во добри економски услови имаат проблем со вработување, со наоѓање и задржување на работните места. Mал e бројoт на вработени лица со инвалидност во јавната администрација.

Ова е заклучокот од денешната меѓународната конференција „Законски рамки и практики за вработување на лицата со инвалидност“ во организација на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија.

Конференцијата има за цел размена на искуства и добри практики поврзани со можностите за вработување на лицата со инвалидност, од гледиштата на владини претставници, национални експерти и НВО секторот од државите во регионот.

Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лица со инвалидност во Република Македонија посочи дека оваа ранлива категорија на граѓани и во добри економски услови има проблем со вработување, со наоѓање и задржување на работните места.

– Во Република Македонија е најавен текст на нов закон за вработување на лица со инвалидност и професионална рехабилитација. Сакајќи тој закон да добие поволни законски решенија за лицата со инвалидност, сакавме да ги споделиме искуствата од државите членки на ЕУ и од останатите држави од регионот за да видиме како функционира тоа кај нив, кои решенија се преземени и дали во практика се соочуваат со одредени проблеми при вработувањето и професионалната рехабилитација на лицата со инвалидност, рече Јовановски.

Анализата, како што посочи, е дека во јавната администрација има мал број на вработени лица со инвалидност.

– Лицата со инвалидност апсолутно се способни да работата на сите позиции, согласно нивната едукација. Имаме високо школувани кадри кои можат да одговарат на сите работни задачи. Она што недостасува во сегашното законско решение во Република Македонија е професионалната рехабилитација. Ќе треба да се предвиди кој ќе ја спроведува, каде, како ќе се финансира и на кој начин тоа ќе биде уредено, истакна Јовановски.

Муедин Кахвеџи, државен секретар во Министерството за труд и социјална политика потсети на, како што рече, значајниот проект за вработување на вкупно 300 лица со инвалидност во јавните и државните институции, согласно нивниот вид и степен на попреченост, образование и квалификација.

– Во рамки на Оперативниот план на активни мерки и политики за вработување за 2014 предвидуваме мерка за субвенционирано вработување на инвалидни лица кои треба да го поттикнат вработувањето кај оваа категорија, односно нивно полесно интегрирање на пазарот на трудот, рече Кахвеџи. Нагласи дека Владата и МТСП и во наредниот период ќе продолжат преку различни мерки и активности да го подобруваат вработувањето на лицата со инвалидност.

На конференцијата ќе бидат пренесени искуствата од Австрија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора и БиХ.

Би можело да ве интересира

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Постара жена исфрлена на улица од семејството, десет дена живее во хорор-барака во Охрид

Жарко Настоски

Две малолетни сестри питаат боси по велешките улици за да однесат млеко за бебето Метин, неискапено со месеци

Габриела Димковиќ-Мишевска

Одложен проектот бесплатна услуга одмор и рекреација за децата од социјален ризик

А1он

(ВИДЕО) Спасовски: Создаваме услови граѓаните со социјален ризик да добијат кров над глава

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Молк на институциите по случајот во Аеродром: Секој ден е кобен за браќата и станарите

Ана Василевска