Комитетот за заштита на правата денеска го поздрави ставот на Јавното обвинителство за прифаќање на жалбите и за повторување на случајот „Монструм“ со цел е да се отстранат сомневањата за веродостојноста на доказите и вештачењата.
Од Комитетот го повикуваат Врховниот суд да постапи независно и непристрасно и да го врати предметот на повторно одлучување, а надлежните органи и судот да ја утврдат вистината и да бидат казнети виновниците.
– Комитетот смета дека ваквиот приод на Јавното обвинителството и правосудството треба активно да продолжи и за сите останати спорни, политички мотивирани случаи, без оглед на етничката конотација на било кој случај. Специјалното јавно обвинителство треба да го стори тоа секаде каде е надлежно и каде што располага со незаконски прислушувани материјали. Јавното обвинителство, вклучително и специјалното, дополнително имаат законско право и обврска да ја заштитат законитоста на секоја правосилна судска одлука и постапка и тоа можат да го направат и во корист на обвинетиот, се вели во денешното соопштение.
Од Комитетот велат дека реформите во правосудството ќе можат да се случат, само доколку претходно се расчистат монтираните, односно политички мотивираните случаи како што ги нарекува меѓународната заедница.
– Спрегите меѓу поранешната власт и судството кои беа јавна тајна конечно се разобличија со објавувањето на т.н. „бомби“. Преку нив се слушна како владини функционери по телефон диктирале судски пресуди, а судиите ги извршувале нивните нарачки. Потоа, на сличен начин се бирале и напредувале судии, а неподобните се разрешувале. Се местеле предмети кај „свои“ судии, а се давале насоки како да се водат обвинителски истраги, оценуваат од Комитетот за заштита на правата.