Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во предметот „Насилство во Центар“ на денешното рочиште за случајот на самиот почеток од емитувањето на снимките од протестите искоментира дека истите се нула во споредба со Шарената револуција во која граѓаните секојдневно фрлаа со боја по државните институции, но каде имаше и конфликтни ситуации со полицијата по скопските улици.
Судењето за предметот „Насилство во општина Центар“ денеска продолжи во доказна постапка со презентирање на видео снимките од медиумите кои биле присутни на 7 и 10 јуни 2013 година во просториите на општината пред која неколку стотици граѓани протестираа против точката на дневниот ред на Советот на општината, поништување на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“. Една од причините поради бунтот на граѓаните е тоа што во јавноста беше пласирана информацијата дека со поништување на ДУП-от ќе биде срушена и црквата Св. Константин и Елена.
За случајот „Насилство во Центар“ првообвинет е експремиерот Никола Груевски заедно со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и актуелната пратнеичка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.
Според обвинението на 1 јуни 2013 година Груевски тогашен претседател на ВМРО-ДПМНЕ преку министерот Јанакиески ги поттикнал останатите обвинети во случајот да во група со повеќе лица извршат грубо насилство спрема тогашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски како и спрема советниците од советничката група на општина Центар. од редовите на коалицијата предводена од СДСМ.
Како што стои во обвинението Груевски во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески воден на ден 01. јуни 2013 година во 20:57:33 часот со времетраење од 4 минути и 4 секунди побарал второобвинетиот да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот на Центар. Според обвинението Јанакиески го прифатил тоа по што дал насоки на хиерархиските подредени лица во партијата ги известат сопартијците дека седницата ќе се одржи на 7 јуни, па преку насилен протест да го одложат стопирањето на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
Виктор Јованов