За сите вработени во КЈП „Нискоградба“, невладината организација „Од рака на рака“ донираше ХТЗ чизми со највисок квалитет, соопштија оттаму.
Задоволни од соработката која претходно ја оствариле при реализација на дел од проектите со вработените во ова јавно битолско претпријатие, од невладината организација од Шведска одлучиле да им донираат опрема, со која вработените уште поквалитетно ќе можат да ги реализираат работните задачи, се наведува во соопштението.
„Голема благодарност до Томас и Марија, кои денес ни донираа ХТЗ чизми за работниците. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и понатаму и во други области кои се важни за КЈП „Нискоградба“. Ние вршиме редовна набавка на ХТЗ чизми за работниците и за останатите вработени, но со оваа донација ќе се направи одредена заштеда во нашето претпријатие и тие средства ќе ги пренамениме за други основни потреби за работниците и за нивната заштита при изведба на градежните работи на терен“, рече директорот на КЈП „Нискоградба“ Методи Силјановски.
Марија Русенгрен од невладината организација „Од рака на рака“, со задоволство ја промовираше денешната донација за вработените лица, во кои препознале искрена и вистинска помош при реализација на нивните проектни активности.
„Оваа донација ја изведуваме затоа што во 2017 година имавме потреба од помош во проектите кои што ги изведувавме во Заводот за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ и наидовме на голем проблем, а вработените во „Нискоградба“ многу ни помогнаа. Тогаш јас ветив дека ќе се потрудам да најдам соодветни чевли кои ќе одговараат за нивната работа. Денес со гордост сакам да им ги предадеме чизмите на вработените, чизмите се специфични, од Шведска, со највисок квалитет и се наменски за овој тип на работа. Му се заблагодаруваме на сите работници и на директорот од „Нискоградба“ за помошта, како и за поддршката од Општина Битола која ја добиваме, за да можеме да ги реализираме проектите и да одиме понатаму со нашата работа“, истакна Русенгрен.
Денешната донација се состоеше од 32 пара ХТЗ чизми, а во натамошната соработка се предвидуваат донации и за друг вид опрема, соопштија од битолското јавно претпријатие.