Под сомнеж е ставена неутралноста на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, поради неговата евентуална поврзаност со австриска фирма присутна на македонскиот пазар како сопственик на казина. На дипломатска средба во Скопје, помеѓу амбасадорите на земји членки на ЕУ, било поставено и прашањето – дали тој има бизнис интереси во австриска компанија која работи во Македонија?, пишува „Дојче веле“.
Поради изјавите кои еврокомесарот ги дава откако е вклучен во преговарачкиот процес, а кои аналитичарите ги толкуваат како пристрасност кон една страна и очигледен притисок кон опозицијата, се поставуваат прашањата дали во игра се бизнис интереси.
„Дојче веле“ пишува дека проблемот е во тоа што Хан веќе е прецепиран како „шумар“, односно како „сојузник“ на власта кој врши притисок исклучиво врз опозицијата. Во таа насока на површина испливуваат и сомнежи за мотивација која можеби не е од политичка природа.
Новинарот Васко Попетревски во дебатна емисија на ТВ „24 вести“, повикувајќи се на информации потврдени од дипломатски извори, рече дека перцепцијата дека Хан можеби не е доволно неутрален, не е само медиумска шпекулација
„Имено, вчера во Скопје, на еден од редовните координативни состаноци на амбасадори главно на земји членки на ЕУ, еден од претставниците на влијателна земја членка, го поставил прашањето за неутралноста на Хан, поточно за неговите бизнис интереси во фирмата ‘Новоматик’“, рече Попетревски.
Во обид да се разјасни ваквото прашање прилично се вжештиле телефоните на релација Скопје-Брисел.
Според официјалната биографија на еврокомесарот Јоханес Хан, тој од 1997 до 2003 година работел како член на бордот на директори на „Новоматик“, а еден период бил и извршен директор на компанијата.
Австриската компанија „Новоматик“ позната во индустријата на игри, е присутна на македонскиот пазар како сопственик на казина. Покрај други, во март 2014 година таа стана сопственик и на казиното „Фламинго хотел“ кај Гевгелија.
Менаџментот на компанијата тогаш соопшти дека станува збор за инвестиција вредна 20 милиони евра и најави нови инвестиции. Беше соопштено и дека компанијата веќе има инвестиции од 40 милиони евра во Македонија. Гостин на промоцијата беше Ники Лауда, легендарниот возач на Формула 1, кој е бренд-амбасадор на оваа компанија. „Новоматик“, како што објавија тогаш медиумите, во Македонија има четири одделни фирми. Освен „Фламинго“, ги поседува и казината „Адмирал“ и „Астра“ како и повеќе од 30 клубови со слот машини во речиси сите градови во Македонија.
Утврдувањето на фактите – дали има некаква наводна поврзаност на Хан со оваа компанија, е важно за се тргнат сомнежите дека очекуваната медијаторска неутралност не е жртвувана заради некои други интереси, стоин во текстот на „Дојче веле“.