Форум за работата и работните места во иднината

Од:

Работата во иднината, или како да се озбезбеди отворање нови работни места и обезбедување пристојна работа во контекст на развојот на технологиите, но и климатските и демографските промени е темата на која дискутираа учесниците на Форумот „Работата во иднина“ што денеска во Скопје се одржа во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, кој се обрати на отворањето на Форумот, истакна дека сите општествени чинители треба да разговараат и разменат мислења и да дадат одговори дали Македонија може да постигне „целосно вработување“ во контекст на сегашните и идните технолошки промени, кои се предизвиците, кои политики може да бидат од помош за реализирање на една ваква идеја и дали стандардните работни односи може да се справат со моменталните економски и социјални предизвици.

Треба да се направат проекции, рече, какво влијание ќе имаат промените во организирањето на работата и работните односи и како може социјалниот дијалог да има клучна улога при поддршката на остварувањето на овие цели.

– Токму затоа, Економско социјалниот совет ќе продолжи да работи на прашањата поврзани со развојот на македонската економија и создавањето на пристојни работни места. Се надевам дека и денешните дискусии ќе придонесат кон создавањето на ефикасен македонски модел за одговор на предизвиците кои ги носи иднината, рече министерот.

Додаде дека и Република Македонија се соочува со голем дел од предизвиците за кои ќе се дискутира на денешниот настан: технолошки промени, губење и создавање на работни места, нови видови работни односи, соочување со несигурноста на работата, заштита на трудот, справување со нееднаквоста и создавање на инклузивен раст, но оти се прави се тие предизвици да се надминат.

Притоа посочи дека во изминатите неколку години, во услови на нестабилно меѓународно економско опкружување, Македонија успеа да ја зачува макроекономската стабилност. Просечниот годишен економски раст во периодот од 2009 до 2014 година, рече, изнесува 1,9 проценти, кој е меѓу најсилните во Југоисточна Европа. Со политиките на вработување, потенцира тој, намалена е и невработеноста од 39 на околу 23 проценти.

Антонио Грациози од МОТ, директор за централна и источна Европа потенцира дека сите чинители на национално ниво треба да се вклучат во дискусија за тоа кои ќе бидат двигателите на промените во светот на работата во идниот период.

– Ние сметаме дека тие ќе бидат технолошките промени, климатските промени, но и демографските промени во општествата. Покрај ова треба да се фокусираме и на прашањето за улогата на работата во општеството, која не е само средство луѓето да заработат, туку таа има и други аспекти како да овозможи социјализација на луѓето, да обезбеди чувство на лична исполнетост и дека човекот е корисен и придонесува за општеството, рече тој.

Затоа, рече прашањата кои се поставуваат се како економските и социјалните политики на земјите да се насочат кон остварување што е можно поголема вработеност кога економскиот развој сам по себе нема да создава многу работни места.

Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров истакна дека не само денеска, туку и во иднина, ќе се дебатира на прашањето на работата во иднина. – Ќе се обидеме сите социјални партнери, владата, синдикатите и работодавачите да разговараме околу тоа како новите технологии ќе влијаат на сигурноста на работните места и на нивно отворање, како револуцијата во областа на телекомуникациите и интернетот ќе влијае на работните места, дали тие ќе ги затворат со помош на роботиката и како да успееме да ја задржиме социјалната сигурност на работниците, рече Димитров.

Дека темата е значајна, како што истакна претседателот на ССМ Живко Митровски, покажуваат податоците што, како што рече, од вкупниот број вработени 60 проценти работат на формални работни места, а останатите имаат нестандардни работни односи.

Тоа, рече, е резултат на присутната неформална економија, неолибералните политики, но и на притисокот кој го правата глобалните трендови на капиталот.

Би можело да ве интересира

Голем интерес за сезонска работа: Рекорден број на агенции за вработување странци во Хрватска

А1он

На граѓаните не им се работи во „Бехтел и Енка“: Стигнале само 360 апликации за 2.000 работни места

A1on

Бројот на слободни работни места во Словенија достигна рекордно високо ниво во вториот квартал

Драстичен пад на вработените во угостителскиот сектор во Германија

Прва конститутивна седница на Советот на социјална сигурност

Горан Наумовски

Во Хрватска сезонска плата над 1000 евра за печење палачинки

Предраг Петровиќ