АД „Електрани на Македонија“ од почетокот на подготвителните работи за реализација на проектите ХЕ Бошков Мост и ХС Луково Поле најпрофесионално и во согласност со сите постојни меѓународни стандарди и политики на Европската банка за обнова и развој и на Светска банка презеде низа активности за оценка на влијанието на овие енергетски објекти врз животната средина, велат од компанијата.
За таа цел, нагласуваат, за Бошков Мост е изработена Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви, а во изминативе две години се реализирани и подготвителни активности како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.
– Сите активности се одвиваат со предвидената динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишниот еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите влијанија од проектот. Извештајот од овој мониторинг на биодиверзитетот и на животната средина заедно со други придружни извештаи е доставен до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање и за него од ниту една заинтересирана страна не стигнаа забелешки во законски предвидениот рок, посочуваат од ЕЛЕМ.
Оттаму велат дека во моментов реализираат и активности кои исто така се дефинирани во делот на заштитата на биолошката разновидност и одржливо управување со природните ресурси.
– Во тек е подготовка на акватична анализа на биодиверзитетот и збирен преглед на предложените мерки од одобрената студија за оценка на влијанието на Бошков Мост врз животната средина кои се резултат од спроведениот едногодишен (четири сезонски) мониторинг на биодиверзитетот и животната средина на проектното подрачје. Извештаите од овие активности ќе бидат доставени до сите релевантни институции и засегнати страни. Во согласност со препораките од ЕБОР, како и од препораките произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти, во моментов интензивно се изведуваат активности од страна на повеќе експертски тимови и тоа е во целост усогласено со барањата на засегнатите страни, како што се невладини организации, локалното население, здруженија на граѓани и надлежните институции, нагласуваат од ЕЛЕМ .
Во однос на „Луково Поле“ во овој момент, додаваат, во финална фаза влезе изработката на студијата за оценка на влијанието врз животната средина на која работи реномирана светска компанија од Франција и таа се очекува да биде финализирана до почетокот на 2015 година. Врз основа на законската регулатива, потоа следи објавување на студијата, прибирање забелешки од сите засегнати субјекти и одржување јавна расправа. Исто така, студијата ќе биде преведена на грчки и на албански јазик, од причина што Република Грција и Република Албанија го потврдија учеството на јавната расправа. Студијата ќе биде детално образложена земајќи ги предвид сите планирани активности за изградба на зафатите и објектите кои ќе имаат влијание врз животната средина, биодиверзитетот и за нив ќе бидат презентирани предвидените мерки за намалување на влијанието врз животната средина.
– Во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и надлежните институции во Република Македонија, АД ЕЛЕМ е силно посветено за реализација на овие значајни енергетски проекти во согласност со сите меѓународни директиви за заштита на животната средина. Компанијата и понатаму останува транспарентна и отворена за соработка со сите институции и засегнати субјекти во однос на прашања поврзани со тековните и идни активности за проектите „Бошков Мост“ и „Луково Поле“, потенцираат од ЕЛЕМ.