Едни те исти адвокати и нотари им се омилени на општините

Од:

Неколкумина адвокати и нотари се вртат на платните списоци на општините кога станува збор за правни и нотарски услуги.

„А1 он“ до 20-ина општини во државата, преку барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, побара податоци за тоа кои адвокати и нотари ги ангажирале за периодот од 2014 година до мај 2019 година.

Најеклатантен пример за ангажирање само еден адвокат е Општина Велес. Од 70-ина велешки адвокати, од 2014 до 2019 година, адвокатските услуги ги добива единствено младиот адвокат Марко Димов, син на граѓанската судијка Лидија Димова. Тој најмногу пари од Општина Велес за неговите услуги наплатил во 2017 година (приближно 11,5 илјади евра). Димов беше и на платниот список на скопски „Водовод и канализација“ и од таму доби 305 илјади евра. Димов не одговори на телефонскиот повик на „А1 он“.

Од податоците кои ги добивме може да се види дека Општина Штип за овој период не ангажирала адвокати, но најангажирана нотарка е Лидија Рибарева, сопругата на врховниот судија Стојанче Рибарев.

Скопски Карпош, пак, три години по ред (2016-2018), меѓу другите, го ангажирал адвокатското друштво „Малиновски“ за правни услуги. Во 2015 година општината ангажирала најмногу: три адвокатски друштва и шест адвокати, кога и потрошила најмногу пари за оваа намена, вкупно над 20 илјади евра. Ова адвокатско друштво ѝ било омилено и на Општина Центар, која го ангажирала од 2015 до 2019 година, но сумите кои биле исплатени се непознати, оти имало проблем во општината со промена на серверите. Адвокатот Драган Малиновски беше дел од тимот заедно со Слаѓана Тасева, кои во 2013 година работеа на ревизија на проектот „Скопје 2014“, нарачан од Општина Центар.

Општина Кисела Вода најмногу пари за правни услуги потрошила во 2018 година (приближно 14 илјади евра). Од овие пари, најмногу добило адвокатското друштво „Тошиќ и Јефтиќ“, кое било ангажирано и во 2018 година и оваа година повторно. Такви примери на исти ангажирани адвокати и нотари има и за периодот од 2014 до 2017 година.

Пет години по ред скопски „Ѓоче Петров“ ја ангажира само адвокатката Лилјана Митковска, која добила вкупно 10 илјади евра. Истото се однесува и на нотарката Мери Весова, која била ангажирана од 2014 до 2017 година, како и во 2018 и 2019 година. Општина Бутел за пет и пол години, четири пати го ангажирала адвокатот Мирче Ристовски.

Општина Аеродром до 2017 не ангажирала адвокати, а постапките ги воделе ополномоштени административни службеници, дипломирани правници со положен правосуден испит. Евидентно е дека најангажиран нотар од општината е Анастастија Петреска, а се појавуваат и имиња на други нотари, но сумите се релативно мали.

Велешкиот адвокат Сашко Лазаров, сопственик на хотелот „Романтик“, кој беше осуден во предметот „Ликвидација“, но му беше укината пресудата, од општина Гевгелија за 2018 година добил две илјади евра за адвокатски услуги. На списокот на Општина Гевгелија се и адвокатот Зоран Шуклев, кој за 2016 и 2017 година, добил 18 илјади евра, Живко Кочев (до мај 2019 година му се исплатени приближно четири илјади евра) и Игор Наков, (за две години добил приближно 1300 евра).

И Општина Битола ангажирала неколкумина адвокати и нотари, а се често повторуваат имињата на адвокатот Иван Атанасовски и адвокатската канцеларија „Пажиќ“, нотарите Вера Караманди, Горан Димановски и Василка Гоновска… Идентична е ситуацијата и во Општина Куманово.

Општините Тетово и Гостивар не доставија информација кои адвокати ги ангажирале. Тетово за оваа намена најмногу пари потрошила во 2018 година (28,8 илјади евра), а Општина Гостивар во 2014 година, 18 илјади евра.

Одговори од сите општини не добивме. Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не го испочитуваа општините Струмица, Арачиново, Липково, Сарај…

Нотарската комора е свесна дека на ова поле мора да се работи и токму затоа ги адресирале прашањата до надлежните институции.

„На Управниот одбор на Нотарската комора донесовме одлука според која предметите треба да се делат рамномерно или да се даваат до Нотарската комора да ги распределува на сите…“, рече за „А1 он“ Олга Димковска, член на Управниот одбор на Нотарската комора.

Ангажирањето исти адвокати и нотари го отвора прашањето за транспаретноста на нивниот избор, особено кога станува збор за трошењето општински пари на граѓаните.

Би можело да ве интересира

Адвокати, нотари извршители за пет години наплатиле осум милиони евра од ЈП Водовод Скопје, утврди ревизијата

Орце Костов

Двајца кинески адвокати кои бараа да се открие имотот на политичарите се осудени на затворски казни

Граѓани, адвокати и лекари од Велес заработуваат од оштети од каснување на куче, сомнежи дека е вмешана и општината

Орце Костов

Британските адвокати стапуваат во штрајк, со месеци наназад одбиват да преземат нови случаи

А1он

По едномесечен бојкот албанските адвокати излегуваат на протест

Белградските адвокати стапуваат во штрајк

А1он