Од денеска можат да се организираат свадби, но гости ќе можат да бидат само оние кои имаат температура пониска од 37,5 степени, а останатите ќе бидат вратени. Организаторот на свадбата, ќе мора да ги контролира гостите дали ќе се гушкаат, а доколку тоа се случи, да ги опомене и да им забрани. Истото правило важи дури и за ракување. Според протоколот за организирање на свадби, ваквите прослави може да се организираат само на отворен простор. Ако некој сака да танцува, тоа е дозволено ако во негова близина нема никој во радиус од 2 метри. Па така, не смеат да се играат тоа. Протоколот се донесува по осум месеци откако се забранија организирањата на свадби.
„Бројот на гостите се ограничува на максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Угостителскиот објект во кој има прослава е должен да ја регистрира и пријави прославата во угостителска комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби. Задолжително е при влегувањето на гостите истите да бидат спроведени од страна на одговорно лице од угостителскиот објект . Организаторот има за обврска да достави листа на гости и распоред на маси за седење до одговорниот менаџер на угостителскиот објект кој има за обврска да го евидентира секое лице – гостин на прославата. Во случај на доаѓање на лица не евидентирани во листата на гости по добиено одобрение од организаторот ќе им се одобри присуство и ќе бидат внесени во листата за евиденција на присутни гости“, стои во протоколот.
Музичари може да има, но да се оддалечени 5 метри од најблиската маса за гости. Меѓу присутните, не смеат ниту да се движат, ниту да им пеат на уво. И во овој дел има ограничување. Според протоколот, на свадба можат да пеат само естрадни уметници кои се лиценцирани.
„Јачината на музиката не треба да ја надминува пропишаната граница на јачина во угостителски објект. На гостите им е дозволено да влезат во затворениот/внатрешниот дел од објектот при потреба да користат тоалет. При престој на гостин во затворениот/внатрешниот дел на објектот задолжително е носење заштитна маска за што мора да бидат поставени јасни известувања во објектот. Вработените во угостителскиот објект задолжително носат заштитни маски преку устата и носот и зачестено одржуваат хигиена и дезинфекција на раце . Дозволен е максимален број од 6 лица на една маса со задолжително почитување на пропишаното растојание помеѓу секој гостин и растојание помеѓу масите. He е дозволено послужување на гости на маси за стоење и на шанк. Засилени внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна“, се додава во пртоколот.
По завршување на прославата, задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси. Исто така, мора и редовно да се одржува хигиената во тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на препорачаните антивирусни дезинфекциони средства.