Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) на традиционалната новогодишна забава во соработка со Црвениот Крст на Македонија организираше донација на зимски парчиња облека за згрижените семејства во центарот за бездомни лица во село Чичино, Скопје.
– Парчињата облека беа донирани од гостите во огромни количини и беа доставени преку екипите на Црвениот Крст во центарот во село Чичино, соопшти денеска МАСИТ.
На настанот на кој присуствувале повеќе од 300 гости од ИКТ секторот, граѓанскиот сектор, образованието, медиумите и Владата, биле сумирани промените кои ги донесе годинава и плановите и целите за 2019.
– Неслучајно, а веќе и докажано, ИКТ заедницата како една од најпрогресивните во македонското општество креирајќи позитивни економски промени, но се позиционира и како носител на социјални и хумани проекти, активно вклучувајќи се во каузи кои допираат до најранливите групи, се вели во соопштението.