ДОМ: Со менување на Правилникот, Тодоров призна дека е загадено Дојранското езеро

Од:

ДОМ го смета за скандалозно менувањето на Правилникот за мерење на квалитетот на водите од страна на Министерството за здравство, како „решение“ на детектираниот проблем со водите во Дојранското Езеро. Ова се прави среде туристичка сезона, преку зголемување на бројот на дозволени фекални бактерии!

Па со самото тоа Министерството го потврдува присуството на фекалии во езерото, со таа разлика што тврди дека тие, во толкав број, не биле штетни за здравјето!

Почитувајќи го извештајот за квалитетот на водите од Институтот за јавно здравје, ДОМ бара од локалната власт во Дојран да ја почитува забраната за капење на неколку плажи и да не му падне на памет уште некому да крштева бебиња во валкана вода! Туризмот во Дојран е важен, но не повеќе од здравјето на жителите и туристите!

За брзо расчистување на дилемите во јавноста, препорачливо би било формирање на стручна комисија во мешан состав (претставници од Министерството за здравство, академската сфера, локалната власт и граѓанскиот сектор). Таа комисија може за кусо време да направи увид во состојбите на терен и да предложи ургентни мерки.

Наместо чудење и негирање на резултатите од анализите, локалната власт треба итно да преземе конкретни и сериозни мерки за подобрување на квалитетот на водата во Дојранското Езеро:

– Да се санираат грешките направени при монтажата и одржувањето на колекторскиот систем, откако ќе се провери функционирањето на пумпите, проточноста на цевките и ефикасноста на пречистителната станица. Очигледно е дека оттаму произлегува главниот проблем, а се работи за едноставен механички систем.

– Да се решат дивите канализациони цевки кои се испуштаат директно во езерото и се извор на загадување.

– Да се исчисти крајбрежниот појас од наталожена мил, изгниени трски и друг биолошки материјал, кој го гуши еко-системот.

– Да се постават аератори во езерото, кои ќе внесуваат кислород и ќе ги помогнат позитивните хемиски реакции, стопирајќи ги негативните кои се одвиваат во анаеробни услови. Ова директно ќе влијае за намалување на популацијата на сино-зелените алги, кои се намножени поради еколошката катастрофа и обилието на азот и фосфор, па ги гушат „добрите“ алги и останатиот жив свет.

Сиве овие мерки треба да се спроведат паралелно, за да се покаже ефектот што побрзо и да се намали штетата, пред се по здравјето на капачите, но и по целиот еко-систем на Дојранското Езеро. Само така ќе му се дадат крила на туризмот во Дојран, кој како место има извонредни природни и климатски услови за престој, реагираат од ДОМ.

Би можело да ве интересира

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски

Спасени три лица на Дојранско езеро: Бурата ги повлекла во чамецот далеку од брегот

Орце Костов

Пронајдено телото на удавениот во Дојранско Езеро

Катерина Ѓуровски

42-годишен штипјанец е давеникот во Дојранското езеро

Се трага по давеник во Дојранското Езеро

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси