Десет фирми се заинтересирале да го реконструираат средното училиште Моша Пијаде во Тетово, дознава А1он. Како што веќе објавивме, на тендерот се јавија фирми кои се добро познати во јавноста: „АК Инвест“, „Модинг“, НБ-Цомпану“ и уште седум други компании. Но, како понудувачи немаше фирми кои на почетокот беа пријавени како заинтересирани.
Најниските понуди доаѓаат од неколку познати имиња: АК Инвест со неполни 254 милиони денари, Модинг со речиси 257 милиони, но тука е и тетовската НБ-Цомпану со 292,6 милиони денари. Сепак, најнискиот понудувач од сега нема да биде и добитник на тендерот, бидејќи следува и електронска аукција.
А1он праша во фирмата „Еуровиа“ која го адаптираше Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерскиот совет на ОБСЕ, зошто денеска немаа понуда за реконструкцијата на „Моша Пијаде“. Директорката на одделот за тендери, Едита Бејтули вели дека по деталниот увид на објектот и откако го анализирале проектот, се одлучиле да немаат понуда.
„Иако Еуровиа успешно ги исполнуваше сите технички и финансиски услови предвидени во тендерската документација, имавме сериозни забелешки на самата градежна концепција на проектот. Според нашите стандарди за квалитет и безбедност, градежните активности на секој проект треба да се изведат во согласност со највисоките стандарди. За жал, според нашата проценка, проектот не одговара на нашите очекувања и критериуми за успешно завршување на градежните активности. Иако ги исполнуваме сите тендерски критериуми, одлучивме да не учествуваме поради нашата посветеност кон квалитет и безбедност. Веруваме дека оваа одлука е во најдобар интерес на сите страни и ги заштитува интересите на крајните корисници и широката јавност“, вели Бејтули.
Изворите на А1он тврдат дека тендерот треба да го добие една компанија, која е меѓу „топ 10“ по добивање државни тендери во последните 15 години, а до пред неколку месеци беше должник во Управата за јавни приходи.
Од Министерството за образование и наука пак, претходно ни одговорија дека не можат да информираат кои фирми се јавиле на тендерот, бидејќи постапката за јавна набавка била во тек. Тендерот пак, предвидуваше реализирани минимум три договори во последните пет години, од кои барем еден да биде со сума не помала од 160 милиони денари. Приходот кој фирмите треба да го покажат пак, треба да биде не помал од 287 милиони денари во последните три години, за секоја година поединечно. Јавната набавка беше објавена со проценета вредност од 4,5 милиони евра.