За шест години, над 362 милиони евра народни пари кај седум градежни комапнии

Од:

Седум градежни комапнии 15 години стојат во „топ 10“ по добивање народни пари од државни тендери: „Жикол“, „Пелистер“, „Бауер БГ“, „Илинден Струга“, „Спектартермо“, „НБ-Компани“ и „Изградба-Комерц“. Само кај овие седум фирми, во последните 15 години имаат легнато околу 535 милиони евра, од кои над 362 милиони во последните 6 години. А1он анализираше, кои фирми се најголемите добитници на државни тендери низ годините и колку од нив се задржуваат на првите места.

Во последните 12 месеци, „Жикол“ има добиено 10 тендери. „Најтешкиот“ е скучен со Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, за изведба на парцела во ТИРЗ Штип. Оваа фирма е сопственик на уште седум компании.

Скопската компанија „Спектартермо“ годинава ја почнала со тендери. Првиот потпишан после само 2 недели од почетокот на 2023 година. Најновиот, на 24 август. Вкупно, за само 12 месеци има добиено 21 тендер, што ја прави втора со најмногу договори во овој временски период. „Спектартермо“ има уште една фирма во своја сопственост, „Спектар Лаб“ која се занимава со електроинсталатерски работи. Оваа фирма е во ко-сопственост со „Електро Лаб“ од скопска Гази Баба.

„Изградба Комерц“ пак, во последната година има добиено 10 тендери. Сместена во скопска Кисела Вода, со еден сопственик и ниту една поврзаност со друга фирма, во последните 5 години од се искачила од десето на седмо место по државни пари добиени на тендери.

„Илинден АД Струга“, во последните 6 години се искачи на првото место како фирма која имала најголеми приливи од државната каса. Во изминатите 12 месеци, склучила осум договори, од кои 6 со Општина Охрид и по еден со Центар за развој на Југозападниот плански регион и Јавното претпријатие за државни патишта. Директна сопственост нема, но индиректно е поврзана со 4 фирми, 2 со седиште во Охрид и 2 со седиште во Струга.

„Бауер БГ“, во последните 12 месеци добиле 5 тендери. Со последниот договор склучен со склучен со владината Служба за општи и заеднички работи, оваа фирма за над 6,5 милиони евра ќе го реконструира објектот спроти Уставниот суд, во кој се сместени повеќе институции, меѓу кои и подрачната единица на Управата за водење на матичните книги. Во своја сопственост ја има и фирмата „Лабин Плус“ која има основна дејнсот „вадење на декоративен камен и камен за градежништвото, варовник, суров гипс, креда и шкрилци“.

„НБ-Компани“ од Тетово пак, со црвено светло е наведена како должник во УЈП. Последниот тендер го има добиено во јули минатата година, за инфраструктура во Тетово. Сепак, сопствениците имаат уште една фирма која добива државни тендери: „ГАН – Логистик“, која го добила тендерот за зимско одржување на државните патишта на територија на Подружница Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат, во декември 2022 година.

Битолската „Пелистер“ пак, во последната година нема добиено државен тендер. Иако последниот тендер го има добиено во 2021 година, се уште котира високо на листата, на трето место во последните 15 години и на петто од 2017 година досега.

На листата „топ 10“ во последните 6 години, се искачија и „Ју-Бај 2 Амет“ од село Бојане, која гради фекална канализација во Сарај, тендер распишан од Министерството за транспорт и врски, а преку договор со општина Сарај, ќе ги снабдува со вода селата Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ и Ласкарци. А кон оваа фирма во 2019 година биле префрлени од Град Скопје, за реконструкција на булеварите „Никола Карев“ и „Партизански одреди“ и “Крсте Петков Мисирков“ и атмосферска канализација на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“.

На листата се искачи и „Адра“, фирма сместена во скопска Кисела Вода. Во декември минатата година, оваа фирма во два дена разлика добила два тендери од Општина Петровец, за јавно осветлување и одржување на пумпи, бунари и електрични инсталации – двата со идентична сума од 6 милиони денари и 28 дени. Фирмата, сопственост на Миалим Мемедовски во 2018 година се најде и на јавна објава на МВР, за прекршочни работи за кои не можеле да достават лична достава.

Во 10-те, во последните шест години влезе и „Градба Промет“ од Кавадарци. За 12 месеци, оваа фирма има добиено 32 државни тендери и се искачува како прва во „топ 10“ со најмногу склучени договори со државата. Најголемиот број тендери добила со Општина Кавадарци.

Приходи на градежни фирми во последните 15 години (Извор: Јавни набавки)

Овие фирми ги заменуваат 3-те кои уште фигурираат во топ-10 од изминатите 15 години: „Трансмет“ на Сеад Кочан и скопски „Бетон“ кои се во стечај, но и „АК-Инвест“ од Тетово.

Би можело да ве интересира

Застаре случајот „Тендери“ во кој беше обвинета Канческа-Милевска

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Масовна измама на интернет во Македонија, се нуди брза заработка

Александар Тодески

Два рамковни договори по шест милиони од Петровец кај градежната „Адра“, градоначалникот вели: Немаме таква набавка

Александар Тодески

Обвинителството најави жалба на ослободителната пресуда за „Тендери“

Горан Наумовски

Ослободителна пресуда за Канческа Милеска во „Тендери“

Пресудата за „Тендери“ ќе биде објавена на 12 мај

Ана Ололовска