Два рамковни договори по шест милиони од Петровец кај градежната „Адра“, градоначалникот вели: Немаме таква набавка

Од:

Два рамковни договори од Општина Петровец, за две различни работи, во два дена разлика, на 15-тина дена пред нова година паднале во рацете на една компанија. И двата, по иста сума: 6 милиони денари и 28 дени, едниот за „изградба и реконструкција на јавно осветлување“, другиот за „изградба и одржување на пумпи, пумпни станици, бунари и електрични инсталации на нив“. Тендерските спогодби паѓаат кај „Адра ДООЕЛ“, градежна фирма од Скопје, сопственост на Миалим Мемедовски.

Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски не знаел дека набавките со негов потпис се случиле на 14 и 16 декември. За А1он кратко кажа: „Немаме таква набавка“.

Но, за кои набавки станува збор точно знаеше Дарко Тинтоски, одговорен за јавните набавки во Општината. Тој за А1он објаснува дека рамковната спогодба се склучила зошто станува збор за проценета вредност, а сумата не значи дека ќе биде надмината.

„Ние врз основна на потребите на Јавното комунално претпријатие ги набавуваме само материјалите. Комуналното претпријатие врз основа на нивните потреби им даваме одредена количина. Даваме налог на „Адра“ да ги достават материјалите на Комуналното претпријатие. Досега одговорно тврдам дека немаме 6 милиони. Ние како договорен орган го задржуваме правото да набавиме помала количина. Плаќаме како ќе биде набавката, по единица количина. Ни утврдува Јавното комунално претпријатие, а ние доставуваме, па врз основа на цената, ни доставуваат фактура. Всушност, плаќаме колку што ќе биде набавката“, вели за А1он Тинтоски, објаснувајќи го договорот за јавното осветлување.

А на ист начин е склучен и Рамковниот договор за изградба и одржување на пумпите. И тој се исплаќа по набавка и досега ја нема надминато сумата од 6 милиони денари. За првата набавка, „Адра“ се тракала со „Прогрес Компани“, фирма од селото Долно Коњари. Но за одржување на пумпите, „Адра“ била единствениот понудувач.

Инаку Рамковните договори вообичаено се склучуваат кога општините или институциите кои го прават договорот немаат доволно стручен кадар, односно технички лица за да се спроведе класичен договор. Рамковната спогодба им дава можност на институциите кои ја склучуваат да направат помала набавка, а според Законот за јавни набавки, крајната сума може да биде надмината за 20 отсто од договореното.

Фирмата „Адра“ пак, како што вчера објави А1он, се искачи на листата „топ 10“ градежни компании по добивање на државни тендери во последните шест години. „Адра“ на Мемедовски во 2018 година се најде и на јавна објава на МВР, за прекршочни работи за кои не можеле да достават лична достава.

Би можело да ве интересира

Застаре случајот „Тендери“ во кој беше обвинета Канческа-Милевска

Катерина Ѓуровски

За шест години, над 362 милиони евра народни пари кај седум градежни комапнии

Обвинителството најави жалба на ослободителната пресуда за „Тендери“

Горан Наумовски

Ослободителна пресуда за Канческа Милеска во „Тендери“

Пресудата за „Тендери“ ќе биде објавена на 12 мај

Ана Ололовска

„Тендери“: Екс министерката за култура треба да се пофали, а не да се осуди, велат бранителите и бараат ослободителна пресуда

Анита Петровска Рајковиќ