Дали „Остани дома“ е сигурно за сите: нема зголемени јавувања на СОС-сигналите, жртвите срамежливо пријавуваат насилство

Од:

Јавувањата на бесплатната телефонска линија на СОС-сигналот 141700 од националната мрежа за помош при семејно насилство за време на месеците од карантинот не се зголемени иако во изминатиот период се бележат две убиства на жени од страна на нивниот партнер. Операторите на овие линии сведочат дека најчесто од нив се бара совет и психолошка поддршка како да се справат со тензиите во домот предизвикани од разни причини. „Тој е алкохоличар, агресивен е и вербално и физички, но само кога е пијан, ми треба совет како да го смирам“, „Синот ме малтретира, но не можам да го оставам“, „Маж ми ме навредува, успевам да го избегнам физичкиот контакт, би го оставила, но со мојата месечна плата нема да можам да опстанам“, „Таа намерно ме провоцира за да ја нападнам и потоа да може мене да ме обвини за насилство“, се само дел од содржината на секојдневните анонимни повици и разговори кон СОС-сигналот.

Од почетокот на мај до денес на оваа линија се обратиле 25 лица, а 80 отсто од нив побарале само психолошка поддршка. Најмногубројни се жените, но помош побарале и двајца мажи. Психологот што разговара со овие луѓе вели дека на некој начин околностите во кои семејствата се наоѓаат во периодот на ограничување на движењето можно е да ги потенцираат анксиозните состојби, но тоа не е оправдување за толеранција на насилство од каков било вид.

„Ги охрабруваме сите што трпат какво било насилство да побараат помош. Полицискиот час не значи дека некој не може да се обрати во полиција или да го напушти домот доколку има конфликт. Има разни случаи и не може да се направи профил на жртвите или насилниците. Се јавуват и помлади и постари, најчесто жени, но и мажи“, вели психолохот Верица Трајкова.

Анализите за состојбата со семејното насилтво кај нас покажуваат дека има голема промена на свесноста и барањата на жртвите за помош, но исто така насилниците се веќе свесни дека може да бидат пријавени и санкционирани.

Според Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова еднаквост, која 30 години се занимава со ова проблематика, потребни се некои нови системски решенија за справување со семејното насилство и институционална грижа за жртвите. Таа тврди дека ако насилниците во минатото можеле да се препознаат во одредени профили, сега тој модел е стереотип.

„Повеќето од жртвите на семејно насилство стануваат свесни дека по напуштањето на домот, не може да опстанат доколку немаат каде да одат. Трошоците за живот се превисоки за нивните примања. Згрижувањето во шелтер-центрите е привремено решение. Исто така, потребни се промени и во протоколот на постапување на социјалните работници од центрите за социјална работа. Ова е процес што се менува, исто како што се менуваат профилите на жртвите и на насилниците. За жал, и во двата случаја на убиство на жени од своите партнери, кои се случија во овој период, нема евидентирано дека жените побарале помош ниту на СОС-линијата ниту, пак, во полиција“, вели Тодоровска.

Телефонот на националниот СОС-сигнал во кризниот центар „Надеж“ минатиот месец често ѕвонел, речиси 30 отсто повеќе од вообичаеното, а направени се две згрижувања на жртви од семејно насилство. По истекот на 48 часа, овие жртви битката ја продолжиле преку центрите за социјална работа и полицијата.

„Најчесто се јавуваат жени што бараат совет и психолошка поддршка како да се справат во ситуацијата со насилството дома. За жал, не се осмелуваат лесно да излезат од таа ситуација и уште помалку да го откријат идентитетот на насилникот. Се обидуваме да ги охрабриме за што секако ни е потребна јавна поддршка и детабуизирање на насилството“, велат од „Надеж“.

Хелсиншкиот комитет за човкови права алармира врз податоците дека во изминатиот период во медиумите излегоа објави за две убиства на жени од страна на интимен партнер – пред две недели во Арачиново и пред два дена во Скопје.

„Веднаш по донесувањето на првите мерки за заштита од Ковид-19, Хелсиншкиот комитет посочи на ризикот од зголемување на семејното насилство во кризните услови со кои се соочуваме. Во неколку наврати Комитетот предупреди дека донесените мерки, кои се засноваат на самоизолација, мора да бидат родовосензитивни и да ги имаат предвид сите аспекти на постојните односи на моќ за да не доведат до прекршување на правата на жените во своите домови. Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80 отсто од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била почната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. Оттука, имајќи предвид дека најчестиот вид фемицид е како последица на семејно насилство, домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемија“, посочува Хелсиншкиот коммитет.

И Клиниката за психијатрија отвори бесплатни телефонски линии за психолошка поддршка и таму јавувањата се зачестени.

„Препораката – остани дома, остани безбеден не важи за сите. Домот не е безбедно место за жените што трпат семејно насилство. Затворањето дома покажува значаен пораст на семејно насилство од 50 отсто или повеќе, а пристапот до сервисите за помош е намален. Затворањето дома значи заштита од зараза, но значи и повеќе време со насилникот, поголема негова контрола на ситуацијата, со помалку страв од можните законски последици. Економската несигурност, нестабилност и здравствената несигурност ги зголемуваат напнатоста и злоупотребата на алкохол и се јавува намалена контрола на агресивните пулзии кај насилникот“, пишува во својата анализа професор доктор Славица Арсова од ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија.

Од почетокот на кризата предизвикана од Ковид-19 и карантинот што се спроведе во светот радикално е зголемено семејното насилство. Како последица на тоа, во 70 проценти страдаат жените, а не е мал ни процентот на фатален исход. За да се подигне јавната свест за ова прашање, кое стана секундарно пред стравот од заразата, во некои европски земји на социјалните мрежи се објавуваат застрашувачки фотографии од жени што претрпеле физички напад од своите партнери за време на карантинот. Во Велика Британија под мотото „Не си сама“ има лавина објави што ги охрабруваат жртвите да проговорат, а воедно и алармираат системот да се справи со насилниците. Во Шпанија и во Италија исто така медиумите пишуваат за зголеменото семејно насилство и високата стапка на барања за разводи по карантинот.

Би можело да ве интересира

Психосоцијална помош и поддршка добиле 712 жртви на родово базирано насилство во првите шест месеци од годинава

Предраг Петровиќ

„Простор за разговор“ – проект за родова еднаквост и ненасилство врз жените

По насилните протести во Франција: Во градот Кламар се воведува полициски час

ВИДЕО: Канадски политичари прошетаа во розови штикли

Хелсиншкиот комитет и Македонско здружение на млади правници: Да се амнестираат луѓето што го прекршиле полицискиот час

Воведен полициски час во регионот на Одеса

А1он