Бујар Османи доби златен телефон со дијаманти при посетата на Јордан: од МНР три дена молк

Од:

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, при посетата на Кралството Јордан, од домаќинот доби подарок добил златен „ајфон 14“ со дијаманти, а делегацијата што го придружуваше била дарувана со златен накит, дознава „А1он“ од високи дипломатски извори.

Во рамките на првата работна посета на Хашемитското Кралство Јордан, која се случи кон крајот на октомври минатата година, министерот Османи оствари средба со заменик-премиерот и министер за надворешни работи и иселеништво, Ајман Сафади, како и со министерот за земјоделство, Халид Ал-ханифат, потпишувајќи неколку билатерални договори со оваа земја.

Османи добил подарок телефон од најновата серија на „ајфон“, I-phone 14 gold diamond, кој во малопродажба чини од 2.700 до 6.000 евра, во зависност од видот на скапоцените камења. Дипломатите што патувале со него добиле златен накит.

„Десетина луѓе во делегацијата добиле златен накит, односно златни синџирчиња, а министерот добил подарок телефон со дијаманти. Тоа се многу скапи подароци. Можеби владините министри на Кралството Јордан имаат таква традиција да подаруваат скапи подароци, но ние немаме законска можност да примаме како дипломати такви луксузни предмети“, открива дипломатскиот извор.

Секторот за протокол во Министерството за надворешни работи три дена молчи за подароците што ги добиле министерот и делегацијата на МНР при посетата на Јордан и не одговара и дали вредноста на подароците добиени при посетата на Кралството Јордан е во согласност со нашите закони, кои го регулираат тоа прашање.

„Кога ви доаѓаат високи делегации или одите на официјална посета, во тимот на делегацијата има т.н. гифт-офицер, односно лице задолжено за подароците како дел од протоколот. Пред посетата на висока делегација тој има задача да комуницира со гифт-офицерот од гостинската делегација и да договори дали ќе се даваат подароци. Ако се даваат, се напоменува до која вредност, со цел да има сразмерен однос. Ова е дипломатска пракса насекаде во светот со цел да не се доведе министерот или амбасадорот во незгодна ситуација“, објаснуваат дипломати за „А1он“.

Според член 73 од Законот за надворешните работи, дипломатскиот службеник не треба да прима подароци и други материјални средства, освен вообичаените лични подароци од мала вредност во согласност со прописот.

Законот за вработените во јавниот сектор го регулира и прашањето што се однесува на примање подароци. Според член 39 од овој закон, вработените во јавниот сектор не смее да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност.

„Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари или подароци добиени од иста личност чија вкупна вредност не надминува 3.000 денари во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност. Подароци, пак, примени од страна на службени лица или од меѓународни организации дадени за време на посети, гостувања или во други слични околности се сметаат за протоколарни подароци“, стои во член 39 од овој закон.

„Арапските земји имаат традиција да подаруваат скапоцени подароци, но во Европа се доделуваат симболични подароци на секој член од делегацијата, но и во двата случаја не се лични, туку остануваат во сопственост на министерството или амбасадата. Голем дел од странските амбасади со добиените подароци организираат лотарија за да си ги поделат подароците“, коментираат дипломати за „А1он“.

Државната комисија за спречување на корупцијата во својот прирачник наменет за сите избрани и именувани службени лица, како и за сите носители на јавни функции, објаснува како треба да се постапи со подарокот или погодноста што ја добил функционерот.

„Проценетата вредност на самиот подарок или погодност може да биде доволна за да се направи процена како да се постапи во конкретна ситуација. Притоа, колку е поголема вредноста на подарокот или погодноста што се нуди, толку е поголема веројатноста дека тој не треба да биде прифатен.

Во одредени случаи овој вид подароци може да имаат и поголема вредност од дозволената. Може да вклучуваат ексклузивни скапи пијалаци, скапи книги или луксузни кондиторски производи и во тој случај службените лица треба да го предупредат дарителот дека подароците што ја надминуваат дозволената вредност стануваат сопственост на работодавецот и не смее да бидат прифатени од страна на вработените во институциите на јавниот сектор“, стои во прирачникот на антикорупциската комисија.

Би можело да ве интересира

Европскиот фронт ќе ги обжали одлуките на ДИК за прегласување во ИЕ5 и ИЕ6 и ќе поднесе пријави за членовите

Османи им се пожалил на странските амбасадори за „произволни одлуки на ДИК со кои се краде изборната волја“

МНР: Сиљановска Давкова да внимава на политичкиот дијалог со Грција

Орце Костов

Османи: Слоганите на ВМРО-ДПМНЕ се обид да се омаловажи достоинството на секој Албанец

Орце Костов

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува

Адеми: Волјата на гласачите е запишана, таа ќе биде дел од идните политики на државата