Организиран напад од страна на изманипулирана разулавена толпа на граѓани се случи на 7-ми и 10-ти јуни пред општината Центар, вели поранешната советничката во Општината, во својство на сведок на СЈО, Весна Милосавлевска.
Таа вели дека во моментот кога се случувал нападот ја молела полицијата да ги заштити, но тие и одговориле дека немале наредба да делуваат.
„Тие извикуваа „пи*ка ви матер комуњари едни, предавници, неверници”. Таму бевме заложници повеќе од 24 часа. Тоа беа најнемилите настани. Имаше многу повеќе полиција од првиот ден, но таа беше само нем набљудувач. Од возило се делеа сендвичи на присутните”, тврди Милосавлевска.
„Во еден момент, несвесно, се најдов во ситуација да го затворам прозорот позади себе, мислејќи дека така ќе ја спречам толпата да довикува и не удира со предмети. Во еден момент, дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ не повикаа да седнеме до нив, бидејќи беа свесни за случувањата, да ни понудат заштита. Во моментот, кога во салата дојде амбасадорката на ОБСЕ, некој надвор сфати дека тоа треба да престане. Кон нас претходно беа фрлани јајца, домати, шишиња, а сликата изутрината беше сосема несоодветна за една институција”, рече Милосавлевска.
Екссоветничката ги посочи обвинитетите Даниела Рангелова, Митко Пецев, Даниел Трифуновски како лица кои биле присутни за време на насилствата во општина Центар.
Кристијан Ландов