„Алармираме да запрат шпекулациите во јавноста дека во населбата Радишани е откриено беснило кај две мачки, информација која што во целост е непроверена и пласирана во јавноста без претходно да се изнесе документ за дијагноза на беснило.
Во Македонија нема референтна лабораторија која што може да го потврди ова, а ААПЖ располага со тврдења дека досега не е откриен ниту еден случај на беснило! Сите тие испитувања се вршат во Лондон, односно таму е лоцирана лабораторијата каде што се вади крв, серум и се праќа примерокот. Тоа е процедура за која е потребно време, па оттаму нејасно е кога нашите надлежни институции за само два дена утврдиле постоење на беснило?!
Бараме од Факултетотза Ветеринарна медицина, Ветеринарниот Институт, Агенцијата за храна и ветеринарство да излезат јавно и да ги демантираат произволните тврдења.
По ваквите информации што се проширија во јавноста, кај населението само се создава страв и паника, без никаков доказ дека всушност постои беснило. Ако досега животните беа подложни на малтретирања, труења и пукања, со овие непроверени информации, ваквите девијантни појави би се зголемиле уште повеќе!
Не сакаме ни да помислиме дека целата оваа паника се прави со цел да се „исчистат“ сите улични животни во Македонија, на крајно нехуман начин и преку користење лаги и шпекулации.
Воедно, ги молиме сите жители кои се грижат за маалските животни, во овој период додека трае масовната акција на ловење, да ги засолнат своите миленичиња“, пишува во соопштението на ААПЖ.