Министерство за транспорт: Обврзани сме да овозможиме откуп на земјиште ако е исполнет законскиот основ

Од:

Законски сме обврзани да овозможиме откуп на парцелата на барателите кои ќе го исполнат законскиот основ освен во случај ако градежното земјиште во сопственост на РМ согласно важечкиот урбанистички план е предвидено за објект од јавен интерес, наведуваат од Министерството за транспорт и врски по реакциите во јавноста за продажбата на парцелата со намена „колективно домување со деловни објекти“ согласно Деталниот урбанистички план на општина Центар и планираните висококатници.

Цената од 19.200 денари по метар квадратен по која беше откупено државното градежно земјиште кај паркингот спроти Холидеј ин во центарот на Скопје со дооформување градежна парцела е утврдена согласно Уредба на Владата од 30 август 2016 година која мора да ја почитуваме.

Министерството за транспорт на 25-ти минатиот месец склучи договор за 9.048 метри квадратни државно градежно земјиште со фирмите „Фешн груп“ и „Обновители“ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица. Парцелата во приватна сопственост ја сочинуваат четири делови на „Фешн груп“ од по 108, 481, 100 и 241 метар квадратен и 3.621 метри квадратни на „Обновители“. Правните лица, како што потенцираа на денешниот брифинг во ресорното Министерство, можеле да се стекнат со државното земјиште само со покренување постапка за дооформување на парцелата од 13.653 метри квадратни.

Како што информираат, правните лица „Фешн груп“ и „Обновители“ со кои беше склучен договор, откако го исполниле условот за 30 проценти сопственост во рамки на градежната парцела, на 21 август годинава поднеле барање за дооформување на парцелата преку информацискиот систем за градежно земјиште. Откако е комплетирано барањето и е разгледана документацијата Министерството изготвило нацрт решение со целокупната документација и нацрт договор, по што Државното правобранителство утврдило дека се исполнети законските основи за оформување на градежната парцела и издало позитивно мислење.

Согласно Законот за градежно земјиште, Владата носи уредба со која се утврдува цената за градежното земјиште во сопственост на РМ. Постигнатата цена за земјиштето е согласно Уредбата која била донесена на 30 август 2016 година. За постапки со непосредна спогодба цената не се формира по пат на јавно наддавање, туку е точно утврдена по метар квадратен. Табеларниот преглед од Уредбата покажува дека за намената за земјиштето „колективно домување со деловни објекти“ највисоката цена која е предвидена е 19.200 денари. Таквиот законски основ е предвиден и со првиот Закон за градежно земјиште во 2001 година кога цената за метар квадратен изнесувала 1500 денари за територија на цело Скопје, по што во 2008 година е донесен нов закон кога со уредба е утврдена цена од 6000 денари, а во 2011 година е донесена нова уредба со цена од 19.200 денари, износ кој важи се уште. Во случајот е постигната највисоката предвидена цена со Уредбата.

Откупеното државното земјиште е во приватна сопственост и во случај да се промени Деталниот урбанистички план доколку општина Центар таму предвиди друг објект од јавен интерес тоа може да го направи само со експропријација.

Во општина Центар се уште е во сила мораториум за издавање градежни дозволи за Деталниот урбанистички план. Намената може да се смени само со промена на ДУП-от, но тој мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план кој град Скопје го носи на секои 10 години.

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ вчера изјави дека до општината досега не се доставени ниту проект ниту барање за издавање дозвола за градба на висококатница, но, како што рече, и да биде доставено такво барање тоа ќе биде одбиено, бидејќи планот за делот каде е планирана изградбата на висококатниците е под мораториум и се ревидира, како и триесеттина други планови во општината.

Да не беше мораториумот, како што рече градоначалникот, инвеститорот би можел да поднесе барање за дозвола за градба на објекти што претходно во 2008 и 2012 година им биле вцртани како маркици од претходните власти.

Богдановиќ појасни дека на местото кај паркингот кај Холидеј Ин уште од претходно биле вцртани, прво стокатници, а потоа шеесеткатници, од претходната гарнитура на власт, а сегашното раководство на општината го вовело мораториумот за да може спорните планови да се ревидираат.

До Министерството за транспорт и врски за територијата на општина Центар во изминатите две години се поднесени 200 барања за дооформување градежни парцели. Центар е меѓу 35-те општини со чие градежно земјиште располага Министерството за транспорт за градежното змејиште. Останатите 45 општини сами располагаат и носат одлуки за земјиштето.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Пожар во куќа зад Универзална сала

Катерина Ѓуровски

Се судрија две возила, во сообраќајката повредена е малолетничка од Скопје

Комшија чува кокошки во зграда во Скопје, не знаат каде да пријават – законот јасен, ни маче и куче не смее да се чува на тераса

Анита Петровска Рајковиќ

Уапсени двајца скопјани затекнати како се дрогираат во стан на дилер од Скопје – уапсен и дилерот

Четири лица нападнале и тешко повредиле скопјанец

А1он

Сообраќајка во Скопје, тешко повреден пешак