„Луфтханза“ влегува на македонскиот пазар, стартува новата авиолинија Скопје-Франкфурт

Од:

Со слетување на првиот авион на „Луфтханза“ на скопскиот аеродром, денеска ќе биде означен стартот на новата авиолинија Франкфурт-Скопје и влезот на германската авиокомпанија на македонскиот пазар.

На Меѓународниот aеродром Скопје, првиот авион од Франкфурт ќе го пречекаат министерот за транспорт и врски Благој Боварски, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер, генералниот директор на ТАВ Македонија Метин Батак и регионалниот директор на групацијата „Луфтханза“ Петер Пулем.

Новата авиолинија – од Скопје до Франкфурт се реализира со субвенции од Владата. „Луфтханза“ ќе лета од Скопје до Франкфурт од 23 април, десет пати неделно.

Преку Франкфурт, патниците од земјава ќе имаат можност да се поврзат со повеќе од 200 дестинации во повеќе држави во Европа и светот.

„Луфтханза“ на својата веб страница веќе ја нуди новата авиолинија до Скопје како можност за евтино, опуштено и брзо патување до Северна Македонија.

– Посетете ја Северна Македонија, запознајте ја земјата и нејзините луѓе и посетете ги знаменитостите. Кога ќе слетате во Скопје, можете да уживате во земјата и нејзините луѓе чувствувајќи се целосно одморени. Без разлика дали станува збор за деловен состанок во Скопје или за најдобрата дестинација за одмор во Република Северна Македонија, лет резервиран на Луфтханза секогаш ви гарантира удобно и безбедно патување од Германија до посакуваната дестинација, пишува меѓу другото на веб страницата на германскиот авиопревозник.

Покрај „Луфтханза“, договорени се и четири нови дестинации со унгарски „Виз Ер“, од Скопје до Луксембург, Штутгарт, Салцубург и до Љубљана. „Виз Ер“ ќе ги опслужува  четирите нови дестинации три пати неделно од 1 ноември годинава.

Финансиската поддршка за новите летови изнесува седум евра во денарска против вредност по патник во заминување превезен од Меѓународниот аеродром Скопје.

„Луфтханза“ и „Виз Ер“ за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка ќе имаат обврска и по завршување на субвенциите да продолжат да ја оперираат линијата за период за кој добивале субвенциите. Во спротивно, ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка. Ако компанијата добивала субвенции во рок од три години, ќе мора и по истекот на тие три години да ја оперира таа линија без државата да и плаќа на компанијата.

Субвенции за нови летови по пауза од една година

Министерството за транспорт и врски во својот буџет годинава има предвидено 1,1 милион евра за субвенционирани летови, а вкупно пет милиони евра за тригодишната програма. Доколку се процени дека има потреба, како што најавија претходно од овој ресор до крајот на годинава, ќе биде објавен нов повик.

Државава доделува финансиска поддршка за нови летови по пауза од една година. Заклучно со 1 март лани, субвенции по овој основ добиваше унгарски  „Виз Ер“ преку три последователни договори во траење од по три години. И со тие договори важеше обврската за опслужување на линијата за која се добива субвенција и по истекот на договорот за период колку што се добивала субвенција.

Со првиот договор за периодот 2012-2015 година на „Виз Ер“ му се исплатени субвенции во износ од 3,8 милиони евра, со вториот договор од 2015 до 2018 година пет милиони евра, а со третиот од 2019 до 2021 година износот по тој основ беше 1,6 милиони евра.

Со последниот од трите договори со „Виз Ер“ имаше субвенционирани летови од Скопскиот аеродром кон Бремен, Баден Баден, Ларнака и Турку, а од Охридскиот аеродром кон Милано, Малме, Дортмунд и Мимингем. За летовите со тој договор во 2019 година се исплатени субвенции од 66 584 935 денари, во 2020 година од 21 098 924 денари, а во 2021 година 10 475 649 денари.

Минатата година немаше исплата на субвенции, а Министерството за транспорт и врски работеше на анализа и подготви на нов модел за субвенционирање со којшто првпат се овозможи да бидат избрани повеќе авиокомпании за субвенции, а не само една како што беше во претходниот период. На 20 декември лани беше распишан тендер за доделување субвенции, но беше поништен бидејќи Комисијата за евалуација констатираше дека авиокомпаниите што аплицираа „Виз ер“, „Луфтханза“ и „Ејџиан ерлајнс не ја доставиле пропишаната комплетна документација

Од Министерството за транспорт и врски велат дека меѓусебните обврски помеѓу државата и „Виз Ер“ согласно последниот договор што беше склучен  на 14 јануари 2019 година се исполнети, како во однос на исплатата на средствата, така и во однос на опслужувањето на линиите за кои авиопревозникот добиваше субвенции. „Виз Ер“ ги опслужува линиите од постојниот ред на летање целосно комерцијално без субвенции.

Дестинациите кон кои оперира овој авиопревозник со летниот ред на летање од Скопје се: Будимпешта, Сандефјорд, Стокхолм, Гетеборг, Малме, Ајндховен, Брисел, Париз, Дортмунд, Келн, Фридрихсхафен, Мемимген, Франккфурт Хан, Базел, Нирнберг, Берлин, Милано, Хамбург, Тревизо, Бремен, Братислава, Рим, Ваџо, Баден Баден, Малта, Базел и Болоња, а од Охрид кон Базел, Меминген, Дортмунд, Виена, Малме. Виз ЕР УК пак опслужува линијата Скопје – Лондон, а Виз Ер Малта линијата Виена – Охрид.

Од аеродромите во Скопје и во Охрид во летниот ред на летање се и авиокомпаниите Аустријан Ерлајнс (Скопје – Виена), Ер Србија (Скопје-Белград и Охрид – Белград), Кроација Ерлјанс (Скопје-Загреб и Скопје – Сплит), Туркиш Ерлајнс (Скопје – Истанбул), Еделвајс  (Скопје – Цирих), Пегасус ерлајнс (Скопје – Истанбул и Скопје – Измир),  Чер Ерлајнс (Скопје – Цирих и Охрид – Цирих), Ејџиан Ерлајнс (Скопје – Атина),  Лот Полиш Ерлајнс (Скопје – Варшава) Изи Џет (Женева – Скопје), Норвежијан Ер (Осло – Скопје),  Сан Експрес Ерлајнс (Скопје – Анталија и Скопје – Измир) и Ер Каиро (Скопје – Хургада).

Би можело да ве интересира

Избегната голема авионска несреќа аеродромот Џон Кенеди во Њујорк

Колку луѓе ја дочекаа Нова година на небото? Во моментот на пристигнување на 2024 летале 10.560 авиони

А1он

Замрзнат дожд падна во Минхен, замрзнати писти на аеродромот, сите летови одложени

Снегот виновник за откажани десетици летови од Амстердам

Русија: Американски бомбардери откриени во близина на границата со Русија

Горан Наумовски

Министерство за одбрана: Италијанските воздухопловни сили ќе учествуваат во патролирање на македонското небо