Анѓушев: Решението за „Југохром“ со внимавање и на екологијата и на економијата

Од:

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека е оптимист за наоѓање решение за комбинатот „Југохром“ со кое ќе се внимава и на здравјето на луѓето и на економијата.

– Според последните информации во Факом е готова и челичната конструкција што треба многу скоро да се монтира. Ги разгледуваме сите можности и со банките и со сопственикот но како држава не можеме премногу да се мешаме во приватните компании. Сакаме да им помогнеме и на банките и на сопственикот да ја подобрат соработката и да се изнајдат средства филтерот да се изработи, рече Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање околу барањата за рестартирање на „Југохром“ и за средбата што ја побара синдикатот на работниците со премиерот Зоран Заев.

Според Анѓушев, штета е „Југохром“ да не работи со оглед на високата цена на феросилициумот на светските берзи.

– Мислам дека комбинатот може профитабилно да работи. Сепак здравјето на луѓето нема цена и мораме да направиме состојба каде и ќе внимаваме на здравјето на луѓето и ќе внимаваме на економијата. Јас лично сум оптимист дека такво решение е можно, изјави Анѓушев.

Околу изборот на гувернер на Народната банка на Македоинија Анѓушев истакна дека очекува дека ќе се најде решение.

– Поединечни предлози не може да вродат со плод и затоа ова треба да биде еден добар пример за кохабитација. Не треба да се прават избрзани чекори од ниедна страна и таквите работи треба да се разрешат со конструктивен дијалог и да изнајде личност што ќе биде доволно стручна и квалитетна што ќе може да ја води централната банка во Македонија, рече Анѓушев.

За состојбите со Фени и наводите дека токму тој влијаел врз изборот на нов сопственик на комбинатот Анѓушев рече дека банките во овој случај се обезбедени доверители и ги добиле своите пари додека необезбедените доверители во голем дел се со постигнати договори и откупени побарувања и согласно законот постапката ја води стечајниот управник, одборот на доверители и судот во Велес.

– Додека чекаме постапката да заврши опремата не треба да се исклучи поради големите трошоци над десетици милиони евра за нејзино повторно вклучување стечајниот управител веројатно оправдано и сосема логично ја издаде на користење за некој да се грижи и за опремата и за вработените согласно Законот и да не се намали вредноста на стечајната маса туку напротив таа да се зголеми во прилог на доверителите. Мислам дека проблемот со Фени е на добар пат да се разреши, добро е што компанијата повторно работи и добро е што 67 милиони евра на доверителите нема да изгорат, порача Анѓушев.

Би можело да ве интересира

Од Југохром најавуваат дека е можно годинава да се догради системот за отпрашување

Ана Ололовска

Кочо Анѓушев ќе го продава велешки Борец на берза за 25.000 евра

Жарко Настоски

Отров од Југохром истекува во Вардар, се чека тендер за поправка на пречистителната станица

Жарко Настоски

Анѓушев: Работам согласно Уставот и законите

Ана Ололовска

Антикорупциска: Нема одговорност кај Анѓушев за хидроцентралата „Тополки“

Мери Јордановска

Анѓушев: Презедов обврска еден мандат да помогнам колку што можам

Ана Ололовска