(ВИДЕО) Анѓушев: Фокусот на Владата е поддршка на компаниите, инфраструктурата и енергетиката

Од:

Поддршка на сите компании без разлика дали се странски или домашни и поддршка за инфраструктурата и енергетиката се главните столбови на кои ќе се темели економската политика на новата Влада во следниот период, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

На прес-конференција во Владата, Анѓушев истакна дека е подготвена програмата за индустриски раст и зголемување на конкуретноста на македонската економија која, како што рече, ќе биде најавена во среда, а повеќе детали ќе бидат соопштени во четврток.

Мерките кои Владата ќе ги предложи ќе се однесуваат на сите економски субјекти во Македонија, односно и на странските и на домашните компании. Ќе има мерки и за малите, средните и микро претпријатијата, а ќе има и фонд наменет за бизнис акселератори и за формирање на старт ап компании по примерот на израелската економија.

– Единствен критериум којшто ќе мора сите компании да го исполнат за да бидат поддржани од Владата е да прикажат пораст, односно ќе бидат одредени средства кои во нивните компании ќе бидат вратени по постигнатите резултати, рече вицепремиерот Анѓушев.

Следните денови, како што најави Анѓушев, Владата ќе излезе и со информација за државната помош која им е давана на странските инвеститори. – Тие бројки ќе бидат кумулативни. Не сакаме да имаме влијание врз работењето на поединечни компании. Тие се сите добредојдени и понатаму ќе бидат поддржани, нагласи вицепремиерот.

Посебно место во следниот период ќе биде посветено и на развојот на енергетиката и изградбата на гасоводната инфраструктура. Ќе се работи на тоа да се унапреди енергетскиот сектор во кој Македонија заостанува во однос на соседните држави.

– Оценката за напредокот на Македонија во делот на гасот и енергетиката е 1.5, додека Албанија е оценета со 5, Косово 5, БиХ 1, Молдова 5, Црна Гора 5, Србија 5…. Вака ја затекнавме Македонија во имплементацијата на енергетските закони. Имаме за задача и цел овие бројки за кратко време да ги направиме 5, не затоа што тоа некој од нас го бара, туку затоа што тоа е добро за македонските граѓани, истакна Анѓушев.

Посочи дека веќе во следниот период ќе биде воведена евтината дневна тарифа на струјата, но оти тоа нема да значи покачување на струјата. – Тоа се осум милиони евра годишно вратени пари во џебот на граѓаните. Некој се обидува да каже дека изборот на тие средства ќе биде зголемувањето на цената на електрична енергија. Тоа е лага. Изворот на тие средства ќе бидат заштедите на енергетските компании, појасни Анѓушев.

Интезивно се работи и на изработката на законот на енергетика и на законот за енергетска ефикасност.

Би можело да ве интересира

Кочо Анѓушев ќе го продава велешки Борец на берза за 25.000 евра

Жарко Настоски

Анѓушев: Работам согласно Уставот и законите

Ана Ололовска

Антикорупциска: Нема одговорност кај Анѓушев за хидроцентралата „Тополки“

Мери Јордановска

Анѓушев: Презедов обврска еден мандат да помогнам колку што можам

Ана Ололовска

Шекеринска и Анѓушев со најмногу вработени во кабинетите, кај Спасовски најскапо платени

Галена Николовска-Ризвановиќ

ВИДЕО: Заев и Анѓушев во обиколка на системот за водоснабдување на Гевгелија

Ана Ололовска