Шекеринска и Анѓушев со најмногу вработени во кабинетите, кај Спасовски најскапо платени

Од:

Посебни советници, административни службеници, државни советници, лица со договор за дело и луѓе ангажирани преку агенции за привремени вработувања работат во кабинетите на министрите, a месечните приходи им изнесуваат од 200 до над 1.000 евра плата.

„А1он“ истражуваше кои се луѓето кои работат во кабинетите на министрите и нивните заменици и кое министерство троши најмногу пари за советници.

Според податоците добиени од 23 министри, меѓу кои и од кабинетите на вицепремиерите и министерите без ресор, на листите со вработени може да се најдат имиња на поранешни новинари, адвокати, професори, граѓански активисти.

Одговор не добивме од секретаријатот на вицепремиерот Хазби Лика задолжен за спроведување на рамковниот договор, што од 1 јуни се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, како и министерството за транспорт и врски, и за тоа се поднесени жалби до Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според пресметките направени врз основа на податоците од министерствата, најмногу лица се ангажирани во кабинетите на вицепремиерите Кочо Анѓушев и Радмила Шекеринска. Иако за нив работат над 25 луѓе, сепак најскапо платен кабинет има министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Ако се пресмета вкупната сума пари што се издвојува само за кабинетите на вицепремиерите, податоците покажуваат дека годишно се трошат околу 800 илјади евра.

Еден министерски кабинет – 17 илјади евра месечно

За вицепремиерот Кочо Анѓушев работат над 20 луѓе од кои дел се посебни советници, раководители на одделенија и соработници, за нето-плати од 22 илјади до 56 илјади денари.
Преку авторски договори дополнително во кабинетот на Анѓушев се ангажирани и поранешната министерка за правда од СДСМ Мери Младеновска-Ѓорѓиеска за хонорар од 80 илјади денари, исто како и адвокатот Ангел Шоптрајанов, кои го советуваат Анѓушев за работи од деловното и стопанското право. Вкупната сума која месечно се издвојува за сите во министерството е околу 15 илјади евра месечно, или 175 илјади евра годишно.

Министерството за одбрана, пак, има ангажирано тројца посебни советници во кабинетот на министерката Радмила Шекеринска за кои се издвојуваат речиси 3 илјади евра месечно. Меѓу нив за нето-плата од 40, односно 45 илјади денари се ангажирани поранешните новинарки Соња Крамарска и Лидија Јанчовска-Христова. Во министерството преку Законот за агенции за привремени вработувања се ангажирани 28 лица како административни службеници и помошен технички персонал. Со договор на дело се ангажирани и четири лица кои работат на одбранбените реформи, меѓу кои пензионираните генерали Мирослав Стојановски, Филип Котели и Благоја Марковски за хонорари од 30 илјади денари. Од вкупната сума што се добива кога ќе се пресметаат бруто-платите на сите ангажирани лица излегува дека месечно се издвојуваат над 17 илјади евра за ова министерство или на годишно ниво околу 210 илјади евра.

Најскапо платен кабинет од сите министри има министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Ангажирани се 24 лица од кои петмина по основ на времен ангажман. Само во кабинетот на министерот има 12 луѓе со бруто-плати од 40 илјади до 85 илјади денари месечно, додека во кабинетот на заменик-министерот се ангажирани три лица. Кај државниот секретар во МВР работат четворица, меѓу кои и сопругата на Стојанче Ангелов, Јасминка Ангелова, која добива 46 илјади денари нето-плата. Ако се собере вкупната сума за кабинетите на министерот, заменик-министерот и државниот секретар се доаѓа до сума од над еден милион денари месечно или нешто повеќе од 22,5 илјади евра.

Меѓу министрите со поголеми кабинети е и Никола Димитров, кој има ангажирано 19 луѓе во својот кабинет. Во дописот испратен од МНР не се наведени позициите на луѓето ниту колку од нив се ангажирани преку агенции за привремени вработувања. Платите на ангажираните кај Димитров се движат од 15 илјади до 80 илјади денари, но не е наведено дали станува збор за бруто или нето-примања. Вкупната сума што се издвојува месечно само за кабинетот на Димитров е околу 14 илјади евра, но ако се додадат парите за кабинетите на заменик-министерот и државниот секретар сумата надминува 17 илјади евра месечно.

Веднаш по него е и министерот за култура во оставка Асаф Адеми каде во кабинетот работат 11 луѓе. Тројца од нив се посебни советници со бруто-плата 72 илјади денари или 48 илјади денари нето-плата. Во овој кабинет работат пет надворешни соработници за плата од 30 илјади денари, а за истата плата има и четворица надворешни соработници, меѓу кои и Нора Шаќири-Марковиќ.

Значително помали кабинети имаат министрите за финансии, економија, правда, труд и социјала, животна средина, како и кабинетот на вицепремиерот Бујар Османи, кој е на чело на Секретаријатот за европски прашања. Тој има ангажирано три лица од СЕП како службеници и двајца советници кои земаат од 30 илјади до 80 илјади денари бруто-плата.

За кабинетите на седумтемина министри без ресор се издвојуваат по околу 3-4 илјади евра месечно.

Она што е впечатливо од податоците е дека не престанува праксата на ангажирање лица преку Агенциите за привремени вработувања, што е спротивно на препораките на Државната комисија за спречување корупција. Во јавноста долго време се поставува и прашањето за тоа колку лица, а особено советници се потребни и колку се ангажирани во министерските кабинети и во Владата, и дали овие места се доделуваат по систем на партиски заслуги или, пак, според професионалните квалификации, особено по најавите за формирање ново министерство со што Македонија е високо на листата од државите во регионот со најголем број министерства.

Мери Јордановска и Галена Николовска Ризвановиќ

Би можело да ве интересира

СДСМ: 100 дена Влада на Мицкоски, 100 дена изговори, скандали и разочарувања

Пензионерите од денеска со повисоки пензии за 2500 денари

ДУИ: Одлуката на ЕУ да ја одвои Албанија од Македонија е најголемиот неуспех за владата

Во Охрид во тек е меѓувладината седница на македонската и на унгарската влада

Влада: 250 милиони евра за 357 понудени проекти

Град Скопје поднесе 20 проекти на јавниот повик на Владата