Исабел дос Сантос, ќерка на претседателот на Ангола, Жозе Едуардо дос Сантос, е првата жена милијардер во Африка.
Како што наведува магазинот Форбс, таа богатството го стекнала со инвестиции и купување на акции во јавните акционерски друштва во Португалија и акциите на банките и кабелските телевизии.
Според податоците на американскиот весник, богатството на 40-годишната анголка ја пробило границата од една милијарда долари.
Исабел дос Сантос студирала инженерство на Кралскиот колеџ во Лондон, каде живеела со својата мајка, која се развела од нејзиниот татко. Првата работа ја започнала во 1997 година, отворајќи во Луанда во Ангола ресторан кој го нарекла Мајами Бич.
Оттогаш, таа поминала долг пат кон големиот успех во бизнисот, првенствено со присуството во одборите на неколку компании во Ангола и Португалија. Во мај 2012 година го зголеми својот удел во најголемата кабелска телевизиска компанија ZON Мултимедија во Португалија од 4,9 отсто на 14,9 проценти. Денес е сопственик на 28,8 отсто од акциите и е еден од најголемите акционери во компанијата, чија вредност се проценува на 385 милиони долари.
Исто така, ќерката на претседателот на Ангола поседува акции и во една од најголемите банки во Португалија – Banco BPI. Исто така, се наоѓа на чело на истата банка во Ангола, со 25 отсто удел. Според некои извори на Форбс поседува удел и во Unitel, една од двете телекомпании во Ангола.
Според некои аналитичари во нејзината земја, проблемот во Ангола е недостаток на транспарентност и затоа јавноста не е точно упатена како Исабел ја градела нејзината кариера.
Портпаролот на милијардерката вели дека таквите тврдења се неразумни и дека сите инвестиции на Исабел се презентирани со максимална транспарентност.