Заев од фестивалот “Ристо Шишков” во Струмица: Ги славиме независноста, слободата на државата и на театарската уметност

Од:

Премиерот Зоран Заев денеска го отвори 25-то издание на меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ што во чест на великанот на македонското актерство се одржува во Струмица.

Тој изјави дека граѓаните на 8 септември пред 26 години на сите идни поколенија на оваа земја им го поклониле најголемиот подарок – независноста на државата, а ние со овој скапоцен подарок добиваме и одговорност и должност независноста и слобода да му ја подариме и пренесеме на секој граѓанин на нашата земја без исклучок.

– Тоа е новата вредност на независна и слободна Република Македонија. Независноста е среќа, независноста е спокојство и мир, независноста е насмевката на слободните граѓани, на сите граѓани во Слободна Македонија, која живее слободно! Оваа вредност беше сонот и на еден актер, на нашиот сограѓанин Ристо Шишков. За Ристо Шишков се вели дека беше една исклучително силна личност. Една експлозивна енергија која беше силна и нескротлива. Една бунтовна и независна природа која можеше да се изрази само на сцената на театарот. На сцената на животот тоа не му беше дозволено.
Сонот, кој тој го сонуваше во тоа време, денеска е реалност: Македонија слободна – слободно живее, рече Заев.

Тој додаде дека слободата и незавиноста на акетерот се во суштината на театарската уметност и во исто време суштински и автентични вредности за секој човек.

– Театарот, театарската сцена, глумците и понатаму остануваат важен остров на човечката автентичност. Таа човечка автентичност е нешто што треба секогаш да настојуваме да го заштитиме, бидејки токму таа човечност ќе не заштити од притисокот на отуѓената технологија и од ризикот од отуѓена политика, која до сега знаеше да се претвори во апарат за контрола на луѓето и за злоупотреба на власта. За мене не е прифатливо тврдењето дека денес театарот губи од своето некогашно значење, од својата важност, под притисок на интернетот и под притисок на телевизијата и филмот. Јас застапувам поинакво мислење. За мене театарот и понатаму е силен медиум со чие посредство, со атрактивни и предизвикувачки претстави на сцената, пред публиката се разобличуваат негативните појави со кои се соочува светот денес, и, во исто време, се посочуваат добрите сили, кои во себе ја носат светлината и надежта, смета Заев.

Според него тоа е важно затоа што театарот не е само уште еден тип на уметност, уште еден канал за комуникација.

– Да, тој е сето тоа, но, во исто време, театарот е единствената уметничка форма во која човекот актер му се обраќа на човекот во публиката. Човек на човек. Затоа театарот не е само сценско раскажување приказни. Театарската сцена е место за средби меѓу луѓето, меѓу актерите и публиката. Театарот е место за жив разговор за човекот и општеството. За судирот меѓу нив. За љубовта и за гневот. Бидејки театарот, во својата суштина, е и слобода на говорот и на изразувањето, дијалог меѓу слободни луѓе за мистериите на светот, неизбежно доаѓаме до заклучокот дека актерите низ драмата на ликовите што ги играат на сцената, водат дијалог со публиката за толеранцијата, зе меѓусебното разбирање и за почитувањето на другиот. Фестивалите се за да го празнуваат и тоа, рече Заев.

Тој кажа дека фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица за прв пат се одржал во 1992. година во Струмица, само една година по независноста и со тоа се покажало дека градот и државата се впуштиле во создавањето нови културни вредности.

– Низ годините што следуваа фестивалот прерасна во особено значајна манифестација на културната мапа во нашата држава. Со својот раст и развој се издигна во меѓународни рамки и претставува театарски празник кој секоја година со внимание масовно го следи публиката од Струмица, од целата наша земја, како и од регионот. Чест и привилегија е да се биде уметник, учесник, посетител на овој фестивал, кој ја одржува вербата и љубовта кон театарот на највисоко ниво. Ви посакувам на сите, фестивалските денови да ви бидат исполнети со сеќавања, спомени, но и размена на креативна енергија и позитивна мисла. Тоа е секогаш одлика на овој фестивал. Патоказ и поттик за актерите за достоинствено негување и вреднување на актерското мајсторство, рече Заев.

Тој додаде дека поддршката за културата и уметноста во Струмица е континуирана и дека меѓу првите работи направено во првите 100 дена од работата на новата Влада било обезбедување на поддршка за повеќе културни манифестации.

– Ја исправаме повеќегодишната неправда кон Струмица и овие манифестации, кои добиваа безначајни средства и беа речиси игнорирани само поради тоа што доаѓаат од град, со кој раководеше политичка опција спротивна на онаа која 11 години владееше со нашата земја.Новата влада, донесе и нов пристап во поддршката на културата. Еднаков старт за сите иницијативи. Квалитетот, иновативноста, инклузивноста, модерниот израз и јавниот интерес се само дел од критериумите. Непринципиелните привилегии, партиски обоените фаворизирања и протекционизмот во културата, се минато. Почитувани граѓани на Струмица и на Република Македонија, почитувани гости, Дозволете ми на крајот, уште еднаш да се навратам на радоста за двојното празнување вечерва. Го празнуваме театарот и актерот и нивната слобода со почетокот на годинешниот Фестивал на камерниот театар, и нашиот државен празник – Денот на независноста, 8 септември, рече Заев

Тој порача годините што се пред нас да ги направиме најдобри години во животот на идните поколенија бидејќи тоа го должиме на идните генерации, бидејќи сме задолежни од нашите претходници кога ни ја подариле независноста на Македонија.

Би можело да ве интересира

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

Орце Костов

Тешка сообраќајна несреќа во Струмица, повредени неколку лица

А1он

Струмичани ќе се возат во јапонски автобуси од 700.000 евра

Орце Костов

Најмногу дожд во Струмица

Во Струмица мерки за заштита од загадениот воздух

Мајка од Струмица e осомничена за запуштање и малтретирање на дете

Горан Наумовски