Општина Гази Баба доби Културен центар, во кој ќе бидат сместени културен дом, библиотека и најсовремено музичко студио за снимање филмска музика на компанијата Феимс од Франција.
Од Општината Гази баба информираат дека Културниот центар е направен по пат на Јавно приватно партнерство, помеѓу општина Гази Баба и француската компанија Феим, а беше отворен свечено вечерва во присуство на амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов, преставниците на компанијата Феимс, членови на Советот на општина Гази Баба, градоначалникот на општината Борче Георгиевски и жители на општината.
– Особено сум горд што денеска на светскиот Ден на театарот, токму од тука, од местото каде се наоѓаше стариот Дом на култура, можам да ви се обратам од новите простории, кои сега ќе ги користат граѓаните од општината како дом на култура „Димитар Влахов“. Со овој проект започнува децентрализацијата во Република Македонија на културата, а Општина Гази Баба е прва општина која ја реализира
децентрализацијата во делот на културата и со тоа ќе бидеме пример за другите општини, рече Георгиевски.
Тој најави дека преку оваа форма на соработка, со јавно приватно партнерство, во план е да се уредат и обноват и другите два дома на
култура во општината.
По повод отворањето на центарот и меѓународниот Ден на театарот, беше изведена театарската претстава „Островот на скриеното богатствао“, на аматерскиот театар „Чекори“.