Судијката на претходна постапка, Весна Димишкова, која му определи куќен притвор на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, демантира дека барала лично обезбедување од полицијата, откако во јавноста беа пласирани информации дека околу нејзиниот автомобил пронашла купчиња хартии по пуштањето од притвор на Мијалков.
„Не сум барала обезбедување и немам потреба од обезбедување“, рече Димишкова.
Судијката кажа дека станува збор за настан од пред еден месец за кој го известила претседателот на судот, по што, случајот бил пријавен во полицијата.
Од МВР само кратко одговорија дека полицијата постапува според безбедносните проценки и соодветно на тоа презема мерки.
Димишкова е судијката која ја издаде наредбата за претрес на специјалното јавно обвинителство за влез во Управата за безбедност и контраразузнавање како и наредбата за претрес во станот на сега покојниот Коста Крпач.
Таа ги судеше предметите со кокаинот откриен во канти со поликолор за кој беше обвинета Станислава Чочороска Полетан и случајот против Панде Лазаров, ексдиректорот на тогашното ЕСМ, за поткуп од кинеска компанија за изградбата на „Козјак“.
Васко Маглешов