Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, денес, ја промовираа монографијата „15 години Инженерски прстен“. Со промоција на монографијата, во Македонската академија на науките и уметностите, се одбележаа 15 години од првото доделување на Инженерскиот прстен, кој досега го добиле 150 најдобри студенти – инженери.
Според професор д-р Христина Спасевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, станува збор за уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, што овозможува преку наградување на најдобрите дипломирани студенти да се промовира инженерство и науката како стожери за развојот на општеството.
„Истовремено, овој чин ја нагласува елитноста што треба да ги поттикне младите за професионално усовршување, насочувајќи ги кон истражувања, развој на иновативната мисла и претприемништвото. Ова Признание за младите добитници, секако, значи успех, но претставува и голема одговорност, не само за нив, но и за нас, што го врачуваме. Ние, како две најголеми инженерски организации да работиме на изнаоѓање услови за професионален развој на најдобрите млади инженери што е еден од предусловите тие да останат во својата земја, градејќи успешна кариера. Носителите на прстенот го имаат предизвикот да останат достојни на честа што им е укажана и да продолжат да бидат најдобри, да бидат пример на своите колеги, но и поттик на помладите. Дека навистина сме ги одбрале најдобрите, покажува и големиот број добитници што сега се успешни универзитетски професори и истакнати професионалци во струката в и дека Признанието влијаело во трасирање на нивната успешна кариера, сведочат токму нивните изјави во ова монографско издание“, рече Спасевска.
За професор д-р Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, носителите на инжинерскиот прстен се избираат од првите пет најдобро рангирани универзитети во Република Македонија и од факултети со високи оценки за акредитацијата. Добитниците се пример дека треба да се вложува во себе, затоа што е важно и знаењето и оценките и навременото завршување на започнатото.
„Инженерскиот прстен не е само признаниe, туку е и обврска да се биде и да се остане најдобар. Тоа е повик да се проектира, да се гради и да се создава. Треба да се биде креативен и иновативен и да се продолжи со усовршување на своите вештини со надградба на своите знаења. Носителите треба да се стремат да бидат идните градители и учесници во напредокот и на благосостојбата на Македонија. Ние како Институции и поединци треба да направиме сé младите инженери да ги заземат своите места во компаниите, во образованието и во институциите на системот. Тие треба да бидат дел од столбовите на развојот а преку развојот на високите технологии да продонесат и за економскиот раст на државата. И многу повеќе од тоа – инженерите од техничките факултети треба да ја имаат имаат моќта да го менуваат светот и реалноста. Времето покажа, а оваа монографија тоа го одбележува, дека навистина биле избрани како најдобри од најдобрите и дека тие како носители на прстенот ја покажале својата дарба и моќ во сé што работат да бидат најдобри“, објасни Димитровски.
За ректорот на Универзитетот „Св „Кирил и Методиј“ – Скопје, професор д-р Никола Јанкулоски, доделувањето на признанието Инженерски прстен е традиционална и успешна манифестација.
„Традицијата ја отсликува 15-годишниот период во која се доделува ова признание и која ги обединува најквалитетните студентски инженерски умови. Успешна е затоа што ги препознава, вреднува и наградува најдобрите студенти од инженерските струки. Станува збор за единствено признание од ваков вид во Македонија, кое секако позитивно влијае на младите инженери“, рече Јанкулоски.
Професор д-р Сашо Коруновски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ја поддржува, застапува и со сето срце, ја поздравува идеајта издвојувајќи ги најдобрите од најдобрите.
„Инженерите, нивната креативност, умешност, знаење, се движечка сила, оној неопходен „spiritus movens“ на современата цивилизација. Нивниот потенцијал ни е потребен. Тие дизајнираат, проектират, градат, тие ги водат технолошките и индустриските процеси, тие ги управуваат комуникациско-информатичките процеси“, заврши ректорот Коруновски.