Градоначалникот Шилегов, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча, и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска присуствуваа на промоцијата на новата детска едукативна инсталација со наслов „Приказна за Јованче и Марика, барајќи го патот до домот ја наоѓаат чоколадната куќичка“ во парк во Топанско поле, општина Чаир.
– Посебно се радувам што оваа едукативна просторна инсталација се наоѓа во овој парк во Чаир. На тој начин, Град Скопје го оправдува својот став за потребата од дисперзија на културата од центарот кон периферијата и достапноста на културата до секој. Главната цел на овој проект беше преку облагородување на јавниот простор и збогатување на културните содржини на градот (посебно надвор од центарот на градот), да се поттикне детската фантазија и игра и да се влијае врз развивањето на детската креативност. Тоа подразбира зголемување на еколошката свест и култура, однос спрема јавните добра и јавните површини, култура на однесување во јавниот простор, почитување на културните различности и различните социјални, естетски и културни потреби на сограѓаните – истакна Шилегов.
Тој додаде дека Чаир е општина со најголема густина на население, најмалку неискористени простори, општина која од претходните власти добивала најмалку внимание.
– Чаир е една од општините во градот со најмалку зеленило под ингеренција на Градот. Пред неколку месеци го реконструиравме паркот на улица Дижонска во вкупна површина од 5860 м2. Реконструкцијата опфати хортикултурно уредување на јавната зелена површина, отстранување на шутот и подигање нов тревник. Отворено кажувам дека еднакво внимание укажуваме за развој на двете страни на Вардар – порача Шилегов.
Градоначалникот Шилегов се заблагодари на општина Чаир за соработката и на авторот на идејното решение Филип Петровски.
-Се надевам дека ќе имаме уште многу вакви пријатни катчиња за децата. Не треба да се стори многу за да се израдува едно дете. Верувам дека оваа куќичка од чоколада ќе израдува многу деца, а вам драги сограѓани, ве повикувам да ја зачуваме, бидејќи таа припаѓа на сите – кажа Шилегов на промоцијата во општина Чаир.
„Оваа инсталација ја претставува детската љубопитност и снаодливост, но и љубовта којашто ја чувствуваат меѓусебно децата во семејството, односно сцена од приказната што е позната за најмалдите.
Градот Скопје изготвува проекта документација и за други капитални инвестиции во оваа општина, како што се: проширување на булеварот Босна и Херцеговина (со 6 сообраќајни ленти, велосипедски и пешачки патеки и средишно зеленило), изградбата на тунел кој ќе овозможи растоварување на целиот сообраќај што минува преку Бит-пазар, а особено метежот на крстосницата кај Судска палата, каде што е проценето дека дневно поминуваат и над 86.000 возила. Исто така, Општина Чаир и Градот Скопје имаат изработено план за создавање мрежа на велосипедски патеки на територијата на Чаир, а како прва етапа за нивната реализација е велосипедската патека на улицата ‘Втора Македонска бригада’“, велат од Град Скопје.