Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави третото издание на истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај“, во кое ги анализира јавните набавки за 150 електрични автобуси, изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип и реконструкцијата на фудбалското игралиште во Чегране.
Во однос на набавката на 150 електрични автобуси, ЦГК констатира дека постапката била спроведена трипати во период од 15 месеци. Според организацијата, со секое повторување учесниците станувале познати, како и нивните цени и понуди, што го зголемувало ризикот од координација меѓу понудувачите.
Унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ на вториот тендер настапувале како конкуренти, додека на третата постапка доставиле заедничка понуда, која била избрана како најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач е вклучена и ЕВН Македонија за набавка на станиците за полнење, кои треба да ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската „Sungrow Power Supply“.
Вредноста на набавката е 60 милиони евра – 57 милиони евра за автобусите и три милиони евра за станиците за полнење. ЦГК наведува дека победничката понуда не била најниска и била избрана откако две поевтини понуди биле отфрлени.
Според истражувањето, новите автобуси ќе имаат капацитет од 66 патници, односно 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и 30 места помалку од автобусите донирани од Европската Унија.
Од ЦГК велат дека Министерството за транспорт не ги доставило побараните документи, меѓу кои и анализата врз основа на која била подготвена и менувана тендерската документација.
„Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата“, наведува ЦГК.
За салата „Џексон“ склучен нов договор од 1,25 милиони евра
Вториот случај што го анализира ЦГК е изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип.
Првиот договор за изградба на објектот бил вреден околу 1,1 милион евра, а предвидувал дополнителните и непредвидените работи да не надминат 20 отсто од неговата вредност, односно околу 220 илјади евра.
Наместо анекс на постојниот договор, Општина Штип објавила нов тендер за „Дополнителни и непредвидени работи за објектот“, по кој бил склучен договор вреден околу 1,25 милиони евра со ДДВ. ЦГК посочува дека оваа сума е повисока и од вредноста на основниот договор.
Според организацијата, вториот тендер не се однесувал на нова или независна градба, туку на продолжување на работите на веќе започнатиот објект. ЦГК се повикува на член 119 од Законот за јавните набавки, според кој вредноста на непредвидените и дополнителните работи не смее да надмине 20 отсто од основниот договор.
На вториот тендер понуда доставила само „Сандра Инженеринг“ од Скопје – фирмата која веќе ја градела салата. Според истражувањето, од септември 2025 до јули 2026 година фирмата паралелно изведувала два договори на истиот објект, под ист надзор.
Во Чегране платени 70 илјади евра, а нема завршен фудбалски терен
Третиот случај се однесува на реконструкцијата на фудбалското игралиште во Чегране, која требало да биде завршена во декември 2023 година.
Договорот го склучила Агенцијата за млади и спорт во март 2023 година, во вредност од околу 112 илјади евра. Досега биле исплатени околу 70 илјади евра, односно околу 63 отсто од вкупната вредност.
ЦГК наведува дека според последниот извештај на надзорот и состојбата на теренот, на игралиштето не се работи од втората половина на 2025 година. Договорот за реконструкција во меѓувреме истекол.
На теренот, според истражувањето, нема поставено бусен трева, реновирани трибини, систем за наводнување и осветлување, иако тие биле предвидени со тендерот.
Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата за млади и спорт, не одговорило дали се преземени мерки поради неисполнувањето на договорот и дали се применети договорните механизми за санкционирање на доцнењето.
ЦГК оценува дека случајот отвора прашања за контролата, управувањето со договорите и одговорноста при трошењето на јавните средства.
