Актерката и писателка Роуз Мекгован, една од основачките на Движењто „#МиТу“ (#MeToo) изјави дека останала без поддршка од жените. Таа истакна дека Движењето е глупост.
– Тие се идиоти. Тие не се шампионки туку губитнички. Не ми се допаѓаат. Како да го објаснам фактот дека добив награда од магазинот „ЏиКју“ (GQ) за маж на годината, а ниту едно женско списание не ме награди и ниту една женска организација не ме поддржа, изјави Роуз за британскиот „Сандеј тајмс магазин“ (Sunday Times Magazine).
Мекгован пред една година го обвини продуцентот Харви Вајнстин за силување. Движењето „#МиТу“ почна во октомври минатата година кога жените почнаа да споделуваат свои приказни за сексуално вознемирување на Твитер. Набрзо се појавија низа обвиненија, пропратени со „#MeToo“.
Таа тврди дека ја исклучиле од сите настани кои го промовираат Движењето.
– Не сакам ниту да одам. Тоа е го.но. Тоа е лага, како некој фластер кој Ве залажува да се чувствувате подобро, изјави ѕвездата на серијата „Волшебнички“ (Charmed).
Мекгован истакна дека не верува оти нејзината колешка Мерил Стрип не знаела за однесувањето на Вајнстин. Таа додаде и дека Хилари Клинтон знае каков е Вајнстин, бидејќи се пријатели.
– Модното списание „Вог“ (Vogue) треба да се срами бидејќи и отстапи простор на модната креаторка Џорџина Чепман, која е сопруга на Вајнстин и тврди дека не знаела што прави нејзиниот маж, наведе Мекгован.
Актерката додаде дека Вајнстин мора да биде казнет и затворен бидејќи „украл многу животи“. Таа истакна дека би можела да му прости дури кога ќе го види зад решетки.
Мекгован го обвини Вајнстин дека ја силувал во 1997 година, а деталите ги изнесе во книгата „Храбра“ (Brave). Таа со цел да го спречи сексуалното злоставување и искористување ја сними документарната емисија „Граѓанката Роуз“, чија премиера беше емитувана на 30 јануари.