Караванот на „Кризниот штаб против референдумот“ синоќа имаше средби со граѓаните во општина Кавадарци.
„На средбите граѓаните масовно порачаа дека со бојкот ќе го спречиме бришењето на се што е македонско и дека никој не може да ни го промени името и идентитетот. Капитулантскиот и штетен договор со Грција за промена на името, идентитетот и историјата на македонскиот народ, нема да помине бидејќи народот масовно нема да излезе на референдумот и ќе бојкотира“ се вели во соопштението на Македонија Бојкотира.
Тие велат дека Македонците се цврсто решени по секоја цена да го спречат, како што се вели во соопштението, геноцидот врз македонскиот народ.
„Соочени сме со историски момент каде е важно како Македонци да останеме свои на своето. После неуспешниот референдум ќе падне марионетската влада во Скопје и тие ќе немаат време да ги остварат заканите што ги упатуваат на терен спрема граѓаните да излезат на гласање“ велат од Македонија Бојкотира.
Според нив, ова не е борба на партии или лидери, туку борба за Македонија.
„Нашата борба е исправна, ние се бориме Mакедонците да не бидат избришани од светската мапа на нации, ние се бориме за опстанок на цел еден народ, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи беше истакнато на средбите“ се вели во соопштението на Македонија Бојкотира.