Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски денеска организираше прием за македонските спортисти што ќе учествуваат на 22-те „Дефолимпикс“ – Олимпијадата за глуви.
– Агенцијата за млади и спорт (АМС) го следи развојот на овие спортисти и задоволни сме од нивниот ентузијазам и упорноста што ја вложуваат на тренинзите и натпреварите, посебно на меѓународен план со што ја промовираат Македонија. АМС ќе издвои посебни средства за подготовките и настапите на македонските репрезентативци на Олипијадата во Софија, изјави Поповски.
Тој упати апел до бизнис заедницата и до сите што се во можност да се вклучат во обезбедувањето средства за реализација на програмата за подготовките на овие спортисти.
Тројца Македонци имаат исполнето норма за Олимпијадата која од 26 јули до 4 август ќе се одржи во главниот бугарски град Софија.
Во тимот составен од Андреј Стојановски (пливање), Горазд Анастасов и Гордана Стаматоска (бадминтон) можно е да се приклучи и Алими Јасин (атлетика) доколку до почетокот на Игрите исполни норма.
За Македонија ова ќе биде петто учество на ваквите Олимписки игри.
Организаторите очекуваат присуство на повеќе од 4.500 натпреварувачи. Тренерите на македонските олимпијци очекуваат пласман меѓу 9-12 место, со оставање простор и за замешување во борба за медал доколку биде исполнета програмата за подготовките.