Вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли објави дека добил потврда дека неговата земја е влезена во агендата за зачленување во Интерпол, на собрание што ќе се одржи во ноември во Дубаи, јавува дописникот на МИА од Приштина.
– Една многу добра вест за нашата земја. Косово се потврдува уште еднаш во агендата за зачленување во Интерпол, објави Пацоли преку Фејсбук.
Поддршката, според шефот на косовската дипломатија, е добиена со мнозинство гласови на состанокот на Извршниот совет на организацијата, одржан во Лион, Франција.
– Зачленувањето на Република Косово во Интерпол не претставува закана за никого. Косово во Интерпол помага во глобалната борба против организираниот криминал, насилниот екстремизам и другите криминални феномени, порача Пацоли.
На зачленувањето на Косово во оваа и во други меѓународни организации и институции остро се спротивставува Србија, која во тие напори ја има поддршката на своите сојузници, како Русија, Кина и други.