Вицепремиерот за економски Кочо Анѓушев рече дека сопственикот на „Веибо груп“ има опција да донесе нов капитал и да се раздолжи кон сите доверители или да оди во стечај.
– На еден или на друг начин вработените во Крива Паланка ќе ги земат своите заостанати плати. Среќна околност е што во стечајната постапка би имало повеќе капитал за надмирување отколку што има обврски кон сите доверители вклучително и вработените на кои им должи три плати, рече Анѓушев во одговор на прашање по потпишувањето договор за државна помош со германската компанија „ВИК“ во Владата.
Анѓушев се сретнал со сопственикот на „Веибо груп“. Тој се пожалил дека од претходната власт му било ветено дека во Македонија може да најдат 2 илјади вработени кои би работеле за плата од 150 евра месечно. Тие со тогашната влада потпишале договор и откупиле земјиште со површина од 400 илјади метри квадратни со намера да прават нивна ТИРЗ во Ранковце, наменета само за текстил. Кога виделе дека не можат да најдат вработени за таа плата и оти Владата нема да ги поддржува компаниите кои нудат толкава плата не ја развивале зоната и купиле капацитет во Крива Паланка и направиле производство како и секоја друга компанија во Македонија.
Анѓушев потенцираше дека сопственикот не успеал да обезбеди доволна работа и нема доволна ликвидност на компанијата и дека во моментов ја изгуби деловната активност.
– Неговата сметка е блокирана и на вработените им должи три плати, во висина од околу 300 илјади евра, и заостанати побарувања од други доверители, пред се од градежни компании кои граделе во неговиот капацитет и од една од македонските банки во вкупна вредност од 700 илјади евра, рече Анѓушев.